Ефикасна енергетска искористеност
From Wikipedia, the free encyclopedia
Ефикасната употреба на енергија, понекогаш и едноставно наречена енергетска ефикасност, е цел да се намали количината на енергија потребна за да се обезбедат производи и услуги. На пример, инсулирањето на градбите овозможува да се користи помалку енергија за греење и ладење за да се постигне и одржува топлинска удобност. Инсталирањето на ЛЕД светилки, флуоресцентно осветлување или природни „небесни куполи“ го намалуват количеството енергија што е потребно за да се постигне исто ниво на осветлување во споредба со користењето на традиционалните електрични светилки. Подобрувањата во енергетската ефикасност генерално се постигнуваат со усвојување на поефикасна технологија, или процес на производство,[1] или со примена на општо прифатени методи за намалување на загубите на енергија.
Постојат многу мотиви за подобрување на енергетската ефикасност. Намалувањето на употребата на енергија ги намалува енергетските трошоци и може да резултира со заштеда на финансиските трошоци на потрошувачите доколку заштедите на енергија ги надоместат сите дополнителни трошоци за спроведување на енергетски ефикасна технологија. Намалувањето на употребата на енергија се смета и за решение на проблемот за минимизирање на емисиите на стакленички гасови. Според МЕА, подобрената енергетска ефикасност на зградите, индустриските процеси и превозот може да ги намали потребите на енергија во светот до 2050 година за една третина и да помогне во контролата на глобалните емисии на стакленички гасови.[2] Друго важно решение е да се отстранат субвенциите за енергија предводени од владите кои промовираат голема потрошувачка на енергија и неефикасно користење на енергија во повеќе од половина од земјите во светот.[3]
Често се вели дека енергетската ефикасност и обновливата енергија се столбови близнаци на одржливата енергетска политика,[4] и се високи приоритети во хиерархијата на одржливата енергија. Во многу земји се гледа дека од енергетската ефикасност има придобивки кон националната безбедност, затоа што може да се искористи за да се намали нивото на увоз на енергија од странски земји и може да ја забави стапката на енергија со која се исцрпуваат домашните енергетски ресурси.