![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/4/43/Astrocytes.jpg/640px-Astrocytes.jpg&w=640&q=50)
Глимфатичен систем
From Wikipedia, the free encyclopedia
Глимфатичниот систем или глимфен систем е претпоставен систем за отстранување на отпадни материјали во централниот нервен систем (ЦНС) на ’рбетниците. Името претставува неологизам, односно новосоздаден збор од поимите глиа и лимфен систем, воведен од истражувачката група предводена од Мајкен Недергард во 2013 година, која за прв пат го опиша системот како функционална единица.
![Thumb image](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/4/43/Astrocytes.jpg/320px-Astrocytes.jpg)
Глимфатичниот систем наликува на лимфниот систем, кој претставува отворен циркулаторен систем за дренирање на течност и отпаден материјал од ткивата и дел од имуниот систем. Лимфните садови не се присутни во самиот мозок, туку во неговите менингеални обвивки, поточно во дуралната обвивка (дура матер) по должина на венските синуси и менингеалните артерии, наречени менингеален лимфен систем. За разлика од лимфниот систем, глимфатичниот систем кој е присутен во мозокот не поседува карактеристична градба на лимфен сад со ѕид од ендотелни клетки. Глимфатичниот систем, слично на лимфниот, е проточен систем за дренирање на непотребни и штетни материјали од меѓуклеточен простор во мозокот. Изнесената течност и материјали од мозокот понатаму се дренира во лимфниот систем. И покрај некои скептични коментари, се појави голем интерес околу неговото откривање, особено поради неговата важност во процеси како што се спиењето и развојот на невродегенеративни болести како што се Алцхајмерова болест, Паркинсонова болест и амиотрофична латерална склероза (АЛС).