Владимир Комаров
From Wikipedia, the free encyclopedia
Владимир Михајлович Комаров (руски: Владимир Михайлович Комаров; Москва, 16 март 1927 — Оренбуршка Област, 24 април 1967) — советски космонаут, пробен пилот и инженер, кој бил еден од првата група на космонаути избрани во 1960 година. Тој бил еден од најискусните и најдобро обучени кандидати коишто биле примени во Првата група на космонаути на СССР.
Владимир Михајлович Комаров | |
---|---|
Владимир Комаров во 1965 г. | |
космонаут | |
Изворно име | Владимир Михайлович Комаров |
Националност | СССР |
Роден | 16 март 1927(1927-03-16) Москва, СССР |
Починал | 24 април 1967(1967-04-24) (возр. 40) Оренбуршка Област, СССР |
Друго занимање | инженер |
Чин | полковник |
Поминато време во вселената | 2 д 03 ч 04 м |
Избор | I воздухопловна група |
Мисии | Восход 1, Сојуз 1 |
Награди |
Во два наврата за време на неговото учество во програмата било потврдено дека Комаров е медицински неспособен за обука или лет во вселената, но неговата упорност и одлични вештини и знаења како инженер му овозможиле да продолжи да има активна улога во програмата. За време на неговата работа во Центарот за подготовка на космонаути (руски: Центр Подготовки Космонавтов), тој дал придонес во дизајнирањето на вселенско летало, обучувањето на космонаути и нивна оценка, како и во односите со јавноста. Најпосле, тој бил назначен да раководи со првата советска повеќечлена посада „Восход 1“, која опфаќала бројни технички новини во вселенската трка. Комаров подоцна бил задолжен со задачата да раководи со „Сојуз 1“ како дел од обидот на Советскиот Сојуз да победи во Битката за освојување на Месечината.
Неговиот лет со „Сојуз 1“ го направил првиот советски космонаут кој летал во вселенското пространство повеќе од еднаш, а по судирот на „Сојуз 1“ при враќањето од вселената на 24 април 1967 година и првиот човек кој загинал за време на лет во вселената.[1] Добитник е на бројни награди и одличја, а во два наврати бил одликуван со орденот Херој на Советскиот Сојуз. Во негова чест биле именувани бројни објекти, улици, астероид и кратер на Месечината. Неговото име се споменува и во бројни уметнички творби, а неговиот лик е отсликан на поштенски марки издадени во повеќе земји низ светот.