From Wikipedia, the free encyclopedia
Владимир Ивиќ (роден во Зрењанин, 7 мај 1977 година) е поранешен српски фудбалер, поранешен репрезентативец, а денес фудбалски тренер. И неговиот постар брат Илија бил фудбалер.
Кариерата ја започнал во екипата на Пролетер од Зрењанин, каде што се етаблирал како фудбалер. Во летото 1998 година се преселил во белградскиот тим на Партизан.[1] Со црно-белите освоил три шампионски титули (1999, 2001 и 2003) и еден куп (2001). Бил дел од генерацијата која играла во групната фаза од Лигата на шампионите во сезоната 2003/04. Во текот на 2004 година, тој ја носел капитенската лента, бидејќи соиграчот Саша Илиќ бил позајмен во шпанската екипа Селта.
Во јули 2004 година, тој потпишал тригодишен договор со составот на Борусија од Менхенгладбах.[2] Таму го минал само есенскиот дел од сезоната 2004/05. Во Бундеслигата настапил само на четири натпревари, а постигнал еден гол и тоа во 4то коло против екипата на Вердер од Бремен.[3] Во декември 2004 година Владимир преминал во составот на АЕК од Атина, чиј спортски директор во тоа време бил неговиот брат Илија Ивиќ. [4] Владимир поминал две и пол сезони во екипата на АЕК, а подоцна играл за солунските ривали на Арис и ПАОК.
За репрезентацијата на СРЈ (СР Југославија) и СЦГ (Србија и Црна Гора) одиграл 8 натпревари. Својот прв натпревар го имал на 24 март 2001 година против репрезентацијта на Швајцарија, а својот последен натпревар го одиграл на 28 април 2004 година против составот на Северна Ирска во Белфаст.[5]
Тренерската кариера Владимир ја започнал во летото 2013 година, кога го презел младиот тим на грчки ПАОК.[6] Во сезоната 2013/14 ја предводел младата екипа на ПАОК до титулата шампион на Грција во конкуренција на млади екипи (играчи до 20 години).[7] Во март 2016 година бил назначен за шеф на стручниот штаб на првиот тим на екипата на ПАОК, откако бил отпуштен хрватот Игор Тудор.[8] Во летото истата година, тој потпишал нов тригодишен договор со екипата на ПАОК. [9]
Во мај 2017 година, Владимир Ивиќ со екипата на ПАОК го освоил Купот на Грција, откако во финалниот натпревар бил поразен составот на АЕК од Атина.[10] Ивиќ во 2017 година ја раскинал соработката со ПАОК, откако не успеал да му обезбеди на клубот пласман во квалификациите за Лигата на шампионите во натпревар од плеј-офот од домашното првенство.[11]
Тој за сезоната 2016/17 ја добил наградата за најдобар тренер на грчката Суперлига во изборот на сите капитени на прволигашките екипи.[12]
На 31 мај 2018 година, Ивиќ бил назначен за тренер на екипата на Макаби од Тел Авив.[13] Во септември 2018 година, тој го освоил својот прв трофеј со екипата на Макаби, израелскиот Тото куп.[14] Покрај тоа, Ивиќ на составот на Макаби му донел две титули на државата Израел. Пред неговото доаѓање клубот веќе три години не бил шампион на Израел. Во сезоната 2018/19, првата на Ивиќ во клубот, Макаби од Тел Авив ја освоил титулата со дури 31 бод повеќе од второпласираниот тим.[15]
Во следната 2019/20 сезона Макаби ја одбранил титулата, овојпат со 14 бодови разлика во однос на второпласираниот. Иако имал понуда да остане, Ивиќ во јули 2020 година решил да го напушти клубот на Макаби.[16]
На 15 август 2020 година, Владимир Ивиќ бил назначен за тренер на екипата на Вотфорд, кој се натпреварувал во Чемпионшип лигата, т.е. второлигашкото натпреварување во Англија.[17] Тој го одиграл својот прв натпревар на клупата на Вотфорд на 12 септември 2020 година, во 1то коло од Чемпионшип лигата, кога го совладал составот на Мидлсбро на домашен терен со резултатот од 1:0.[18]
Ивиќ ја добил наградата за најдобар тренер во месец ноември во првенството.[19] Вотфорд имал три победи и два нерешени натпревари во месец ноември, завршувајќи на третото место на табелата.[20] Ивиќ бил тренер на Вотфорд до 19 декември 2020 година, кога добил отказ. Таа одлука следувала по поразот на гостувањето кај екипата на Хадерсфилд (2:0), како и конфликтот со капитенот Трој Дини.[21] Во моментот на отказот на Ивиќ, Ватфорд бил на петтото место во Чемпионшип лигата со девет победи, седум нерешени натпревари и четири порази.[22]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.