![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/a/a5/Transistor_Bistable_interactive_animated-en.svg/langmk-640px-Transistor_Bistable_interactive_animated-en.svg.png&w=640&q=50)
Бистабилно коло
From Wikipedia, the free encyclopedia
Бистабилно коло или флип-флоп – електронско коло во дигиталната електроника кое има две стабилни состојби заради што може да послужи како еден бит меморија. Бистабилното коло се контролира со еден или два контролни сигнала и/или со сигнал за дозвола. Често излезот, покрај нормалниот, има и комплементарен излез. Исто така, бистабилните кола изискуваат влезови за напојување и маса.
![Thumb image](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/a/a5/Transistor_Bistable_interactive_animated-en.svg/320px-Transistor_Bistable_interactive_animated-en.svg.png)
Бистабилните кола може да бидат асинхрони или синхрони. Асинхроните бистабилни кола се состојат од два вкрстени инверторски елементи – транзистори, НИ или НИЛИ кола. Синхрониот флип-флоп е верзија на асинхрониот кој има дополнителен влез (C или CLK, од англискиот збор clock - саат, односно EN или ENABLE, од зборот enable - овозможува) на кој се доведуваат синхронизациски импулси со константна честота така што флип-флопот ја менува состојбата на промената на овозможувачкиот сигнал. Синхроните бистабилни кола се проектирани специјално за синхрони системи и затоа ја игнорираат состојбата на своите влезови освен во моментот на промената на овозможувачкиот сигнал. Ова предизвикува бистабилното коло да може да го промени или задржи својот излезен сигнал во зависност од вредноста на влезните сигнали за време на преминот. Некои бистабилни кола ја менуваат вредноста на излезот за цело време на позитивниот или негативниот период на овозможувачкиот сигнал, некои на растечкиот раб на овозможувачкиот сигнал, а други на паѓачкиот раб. Бистабилните кола кај кои излезот постојано ги следи промените на влезовите додека евентуално не се доведе побуден сигнал кој ја замрзнува состојбата на излезот се нарекуваат леч кола (англиски: latch), додека колата кај кои излезот се менува само после доведување на соодветниот раб на побудниот сигнал се нарекуваат флип-флопови. Во литературата и каталозите често не се прави разлика меѓу лечеви и флип-флопови, па двата вида се нарекуваат флип-флопови.
Тактните флип-флопови типично се изработуваат како надреден-подреден уреди, во кои двата основни флип-флопа (со некои додатни логички кола) соработуваат за да го направат неосетлив на шумови меѓу премините на побудниот сигнал; но сепак тие често имаат асинхрони clear и set влезови кои можат да го променат моменталниот излез независно од тактот.
Понатаму флип-флоповите може да се поделат на видови кои можат да имаат заедничка применливост и во асинхрони и во тактувани секвенцијални системи: вообичаени видови се SR ("set-reset"), D ("data"), T ("toggle") и JK; сите можат да се изведат од другите видови со неколку логички кола. Однесувањето на некој вид флип-флоп може да се опише со карактеристичната равенка, која ја дава следниот израз во зависност од влезните сигнали и/или моменталниот излез.