Биолошка разновидност на Косово
From Wikipedia, the free encyclopedia
Косово се карактеризира со разновиден биодиверзитет и изобилство на различни екосистеми и живеалишта одредени од климата заедно со геологијата и хидрологијата.[1] Косово e претежно планинскo и се наоѓа во центарот на Балканскиот Полуостров. Се граничi со Црна Гора на запад, Србија на север и исток, Северна Македонија на југоисток и Албанија на југозапад.
Поголемиот дел од земјата e географски определен со рамнините на Метохија и Косово. По должината на границите е врамен со Проклетие на запад и со Шар Планина на југоисток, кои истовремено, во однос на растителните и животинските видови, се најважните и најразновидните области на земјата.[2][3]
Климата на земјата е комбинација од континентална и медитеранска клима, со четири различни годишни времиња. Најмногу е дефинирана со својата географска локација во Југоисточна Европа и силно под влијание на Јадранското, Егејското и Црното Море во рамките на Средоземното Море.[1]
Во однос на фитогеографијата, копнената површина на Косово се наоѓа во рамките на Бореалното Кралство, конкретно во рамките на Илирската провинција на Циркумбореалниот регион. Нејзината територија може да се подели на два копнени екорегиони на палеарктичкото царство, балканска и динарска мешана шума.
Шумите се најраспространетиот копнен екосистем во Косово и моментално заштитени со одредени закони од Уставот на Косово.[4] Поголемиот дел од шумите се важни бидејќи обезбедуваат засолниште и заштита на стотици растителни и животински видови од национално и меѓународно значење.