Биоинформатика
From Wikipedia, the free encyclopedia
Биоинформатиката е интердисциплинарна научна област која се занимава со развивање на методи и софтверски алатки за обработка на биолошките податоци. Како интердисциплинарна научна област, таа ги обединува биологијата, информатиката, информатичкото инженерство, математиката и статистиката за анализа и толкување на биолошките податоци. Биоинформатиката се користи за in silico анализи на биолошки проблеми со употреба на математички и статистички техники.
Биоинформатиката е сеопфатен термин за сите биолошки истражувања кои користат компјутерско програмирање како дел од нивната методологија, а, исто така, претставува и синоним за одредени анализи кои постојано се користат, особено во областа на геномиката. Типични примери за примена на биоинформатиката се идентификацијата на гени и еднонуклеотидни полиморфизми (анг. single nucleotide polymorphisms, SNPs). Често, оваа идентификација се користи со цел подобро да се разбере генетската основа на одредена болест, уникатни адаптации, посакувани особини (посебно кај земјоделските видови) или разлики меѓу популациите. На помалку формален начин, биоинформатиката, исто така, се обидува да ги разбере организациските принципи во низите на нуклеинските киселини и белковините.[1]