Белковина
биолошка молекула која се состои од вериги од аминокиселински остатоци / From Wikipedia, the free encyclopedia
Белковини (или протеини, од грч. протеос = првобитен) — важни органски соединенија на клетката и организмот кои се застапени во најголем процент (10-20%) од вкупната тежина или 50% во сува маса. Покрај тоа што ја сочинуваат главната маса на протоплазмата од клетката, тие се и главен дел во молекуларната организација на клетката.
Белковините се макромолекуларни соединенија. Белковинската молекула ја градат хемиските елементи: јаглерод, водород, кислород и азот, а кај некои сулфур или фосфор. Овие молекули се хетерополимери кои под дејство на ензими се разложуваат до мономери, наречени аминокиселини. Белковините се разликуваат по видот, бројот и распоредот на аминокиселините што ја градат нивната полипептидна низа. Поради тоа, бројот на различните белковини е доста голем, особено ако се земе предвид дека една белковина е најчесто изграден од повеќе стотини аминокиселини. Некогаш е доволно да се промени само една аминокиселина во долгата низа и белковината да ги промени своите особини.