![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/f/fb/Sucrose_porin_1a0s.png/640px-Sucrose_porin_1a0s.png&w=640&q=50)
Бета-цилиндар
From Wikipedia, the free encyclopedia
Бета-цилиндар — бета-плоча составена од тандемски повторувања кои се вртат и намотуваат за да формираат затворена тороидна структура, во која првата бета нишка водородно е поврзана за последната бета нишка. Во многу бета цилиндри, бета нишките се антипаралелни. Повеќето белковини кои содржат бета цилиндри се растворливи во вода и често врзуваат хидрофобни лиганди во центарот на цилиндарот, како кај липокалините. Други, пак, се хидрофобни и се наоѓаат во составот на клеточните мембрани, како што е случајот со порините. Кај Грам-негативните бактерии околу 2-3% од гените кодираат за порини со структура на бета цилиндар.[1]
Во многу случаи, бета нишките содржат наизменично распоредени поларни и неполарни аминокиселини, така што хидрофобните аминокиселински остатоци се ориентирани кон внатрешноста на цилиндарот за да формираат хидрофобно јадро, а поларните аминокиселински остатоци се ориентирани кон надворешноста на цилиндарот. Кај порините и другите мембрански белковини што содржат бета цилиндри, оваа шема е обратна; т.е. хидрофобните аминокиселински остатоци се ориентирани кон надворешноста на цилиндарот, каде стапуваат во контакт со околните липиди, а хидрофилните аминокиселински остатоци се ориентирани кон внатрешната водена пора.
Сите бета цилиндри може да се класифицираат во однос на два параметра: бројот на бета нишки во бета-плочата, n, и „бројот на смолкнување“, S, кој е мерка за смолкнувањето на бета нишките во бета-плочата.[2] Овие два параметра (n и S) се поврзани со аголот на наклон на бета нишките во однос на оската на цилиндарот.[3][4][5]