Беличица
село во Општина Маврово и Ростуше From Wikipedia, the free encyclopedia
село во Општина Маврово и Ростуше From Wikipedia, the free encyclopedia
Беличица — село во Општина Маврово и Ростуше, сместено високо на планината Бистра, во областа Горна Река, во околината на градот Гостивар.
Беличица | |
Дел од селото Беличица | |
Координати 41°41′38″N 20°41′25″E | |
Регион | Полошки |
Општина | Маврово и Ростуше |
Население | 2 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 1254 |
Повик. бр. | 042 |
Шифра на КО | 07005 |
Надм. вис. | 1550 м |
Слава | Свети Никола |
Беличица на општинската карта Атарот на Беличица во рамките на општината | |
Беличица на Ризницата |
Селото е особено познато по крвавиот масакр изведен од страна на балистите на 19 септември 1944 година.[2][3]
Беличица е сместено во западниот дел на Македонија, во средишниот дел на општината Маврово и Ростуше. Селото се наоѓа на северните падини на планината Чаушица, разгранок на планинскиот масив Шар Планина. До селото води асфалтен пат кој се двои од регионалниот пат Дебар — Маврово. Патот бил изграден во текот на 1980-тите години. Селото е оддалечено 33,5 километри од најблискиот град Гостивар.[4]
Атарот на селото зафаќа 25 км2.[4] Поделеноста на атарот се состои од 789 ха шуми, 1502,7 ха пасишта и 132,6 ха обработливо земјиште.[4]
Селото отсекогаш било поделено на Долно и Горно Маало, кое било особено погодено со масакрот во 1944 година и оттогаш никогаш не заживеало. Во некогашното Горно Маало се наоѓало и старото селско училиште.[5]
Селото се споменува во османлиските дефтери од 1536/39 година, како христијанско село во нахијата Река, кога имало 18 семејства и 2 неженети. Потоа се споменува повторно во пописот од 1583 година, со 30 семејства и 26 неженети.
Во своите најдобри времиња, селото броело 80 куќи, а денес се останати околу 25 куќи, од кои многу од нив се повторно изградени во поново време.[5]
Во XIX век, Беличица било село во Реканската каза на Отоманското Царство.
За време на турското ропство и после ослободувањето, од 1912 година, органите на црквата преку поповите во селата устроиле матични книги. Во селото секој поп при раѓање, женидба или смрт запишувал точни податоци за жителите на селото во матичната книга, која била секогаш со него. Тие податоци ги запишувал во таканаречениот „тефтер“. Овој документ го имала секоја фамилија. Тие мали книжиња во секоја куќа строго се чувале во орманите „долапи“, „мусандри“, во кои се чувале и икони на светци. Овие документи во текот на Втората светска војна биле уништени кога Балистите ги запалиле сите куќи во Беличица, или поради негрижност се изгубени. Матичните книги ги воделе и административните органи на власта преку месните организации, општината, но со доста неточни податоци. Имено тие податоци намерно се фалсификувале со голем бакшиш – поткуп, на барање на поедини фамилии кои на тој начин посакувале некои членови од нивната фамилија по можност да избегнат служење на воена служба во југословенската армија
Беличица во текот на НОВ било познато како партизанско село. Тоа дало голем број борци во Народноослободителната војска, било центар за врски на Комунистичката партија и Народноослободителната војска, а често овозможувало безбедно засолнување на илегалци и преминување на функционери на народноослободителното движење. Во Беличица и во нејзината околина често наминуваа партизански единици, кои селаните секогаш ги снабдувале со храна. Меѓу другото, во јули 1944 година на Бистра, близу Беличица, неколку дена престојувала и Првата албанска бригада, која се одморала по тешките битки што ги водела во Албанија и на која беличани ѝ ја обезбедиле потребната храна додека била во реонот на селото.[6] Неколку месеци пред масакрот на 19 септември 1944 година, поточно во јули 1944 година, балистите веќе го имале нападнато селото. Тогаш тие претепале многу селани, пљачкосале голем број добиток и убиле еден селанец. Не е познато дали тој напад е поврзан со престојот на албанските партизани во близина на селото, а што се случило во истиот месец. Но, тоа што престојот на албанските партизани и нападот на балистите на Беличица се случиле во истиот месец ја прави вистинита претпоставката дека балистите го извршиле тој напад врз Беличица поради тоа што беличани ги помагале албанските партизани или дека тоа било барем една од причините за нападот.[7]
Вкупно 32 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[8]
На ден пред масакрот, преку Софка Лазаревска која претставувала еден вид врска, од Вруток било јавено селаните од Беличица да бидат претпазливи затоа што Аќиф Речани, десната рака на Џемо, подготвувал погром.
Новиот напад врз селото, во утринските часови на 19 септември 1944 година го извршилe преку 300 добро вооружени балисти на чело со Аќиф Кроси – Речани.[9] Непланирано, непосредно пред нападот на балистите врз Беличица, во селото пристигнале борците на Третиот тетовски партизански одред. Овој одред бил составен од 35 борци, од кои поголемиот дел штотуку биле станале партизани и од кои само 13-мина биле вооружени. Во својот состав Одредот имал Македонци, Срби кои биле доселени во тетовско, како и Албанци.[10]
Одредот се движел од Шар Планина кон Караорман и Дебрца со цел дополнително да се вооружи, а потоа да се врати во Тетовскиот регион. Во раните ноќни часови на 19 септември Одредот влегол во Беличица со цел да воспостави врска и да се снабди со храна пред да продолжи понатаму. Кога сфатиле дека се опколени, и покрај својата слаба вооруженост и 10 пати помалата бројност, партизаните решиле да ја прифатат борбата и да го бранат селото. Во повеќе од шестчасовната борба, неколку партизани успеале преку јуриш да го пробијат непријателскиот обрач, но 19-мина биле убиени, а четворица биле заробени. По борбата, како што истакнал Нешо Маркоски, еден од преживеаните борци на Третиот тетовски партизански одред, на бојното поле „еден покрај друг лежеа работник, земјоделец, ученик; Македонец, Србин и Албанец; двајца браќа и едната нивна сестра; неразделни другари од детството; соученици од тетовските училишта.“
Откако го совладале отпорот на партизаните, балистите влегле во селото и почнале да се изживуваат врз телата на убиените партизани. Телата им ги обезличувале со камења и ножеви, им ги ваделе забите, ги претресувале и им ги одземале личните предмети, пукале со оружје во мртвите тела и им ја соблекуваа облеката за да однесат „воен трофеј“. Трупот на еден од загинатите партизани, Мурат Бафтијари, најпрво го газеле и плукале, скокале врз него, го удирале со камења, потоа со ножеви му го касапеле телото, дел по дел, за најпосле во веќе мртвото тело да испукаат цел куп куршуми. Потоа следувала планираната одмазда врз селаните. Биле убиени 17 жени, деца и старци, кои потоа биле фрлани во огнот на нивните запалени куќи. Најстарата старица која ја убиле балистите, додека лежела во својот кревет веќе подолго време поради тешка болест, Лиска Јовановска, имала 88 години, а најмладиот жител, Нада Брајковска, била девојче од само 12 години. Некои од жртвите биле и живи фрлани во оган, како партизанот Саво Тасески и 61-годишната старица Соломија Јовановска. Четворицата партизани што ги заробиле балистите ги одвеле со себе. По два дена, на 21 септември, тројца од нив биле стрелани во Тетово. Сепак еден од нив, Сретен Теофиловски, и со 17 куршуми во телото, не им подлегнал на повредите. Тогаш Џемо Хаса му го простил животот велејќи му дека и смртта не го сака. Потоа тој бил излечен и спасен.
Атарот е голем и зафаќа простор од 25 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 1.502,7 ха, потоа следат шумите на површина од 789 ха, додека на обработливото земјиште отпаѓаат 132,6 ха. Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[11]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Беличица живееле 450 жители. По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Беличица имало 438 жители.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Белчишта се води како чисто „албанско“ православно село во Реканската каза на Дебарскиот санџак со 73 куќи.[12]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[13]
Селото броело 79 жители во 1961 година, додека живееле само девет жители во 1994 година.
Според пописот од 2002 година, селото Беличица броело 4 жители, сите Македонци.[14]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 2 жители, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 450 | 438 | 133 | 164 | 79 | 44 | 5 | 9 | 9 | 4 | 2 |
Како родови во ова село се спомнуваат. Богуч (17 к.), сместени во Горно Маало; Хаџије, доселени од селото Жужње; Чешковит, Гутковит и Геговит, сместени во Долно Маало. Придојдени родови има и од селото Нистрово.
Од ова село бил и некој Наќе Богуч, кој заедно со Хаџи Билбил од Сенце, и Василко Хаџијевски од Галичник го бранеле православието во овој крај.[19]
Селото влегува во рамките на големата Општина Маврово и Ростуше, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на некогашната Општина Ростуша.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Маврово.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Трница, во која покрај селото Беличица, се наоѓале и селата Бибај, Богдево, Бродец, Волковија, Врбен, Грекеј, Жужње, Кичиница, Кракорница, Нивиште, Нистрово, Ничпур, Рибница, Сенце и Тануше. Општината Трница постоела и во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Беличица, Волковија, Врбен, Кичиница, Сенце и Трница.
Населението на селото главно било се иселувало во градовите Скопје и Гостивар.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.