![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/e/e4/Luxor%252C_Banana_Island%252C_Banana_Tree%252C_Egypt%252C_Oct_2004.jpg/640px-Luxor%252C_Banana_Island%252C_Banana_Tree%252C_Egypt%252C_Oct_2004.jpg&w=640&q=50)
Банана
From Wikipedia, the free encyclopedia
Банана е име на род на зелјести растенија (лат. Musa) и на економски значаен вид (Musa sapientium) од семејството на бананите (Musaceae). Истото име се користи и за плодот на овие растенија, кој луѓето го користат во исхраната како овошје.[1][2]
Банана | |
---|---|
![]() Бананино дрво кај Луксор, Египет. | |
Родители | Musa acuminata × Musa balbisiana Colla 1820 |
Сортна група | погл. Список на сорти на банани |
Потекло | Југоисточна Азија, Јужна Азија |
Бананата е овошје кое од ботаничко гледиште претставува бобинка.[3] Таа е плод на неколку големи зелјести, скриеносемени, монокотиледони растенија од родот Musa.[4] Во некои земји, бананите се користат за варење, и тогаш се нарекуваат плантани. Ова овошје варира според величина, боја и цврстина, обично е издолжено и свиткано, со мек плод, богат со скроб и покриен со лушпа која може да биде зелена, жолта, црвена, пурпурна или кафена кај зрелите плодови. Плодовите растат во групи кои висат од врвот на растението. Скоро сите модерни, јадливи банани се партенокарпени (безсемени) банани кои потекнуваат од два диви вида - Musa acuminata и Musa balbisiana. Научните имиња на најчесто одгледуваните видови се: Musa acuminatа, Musa balbisiana и нивниот хибрид Musa × paradisiaca, што зависи од нивната геномска градба. Постарото научно име, Musa sapientum, повеќе не е во употреба.
Природната животна средина на видовите од родот Musa се тропските предели на Индомалајската биогеографска област и Австралија, а се претпоставува дека првобитно почнал да се култивира во Папуа Нова Гвинеја.[5][6][7] Бананите се одгледуваат во најмалку 107 земји во светот,[8] првенствено поради плодот, а во помала мера поради производство на влакна, вино од банани, пиво од банани или како декоративно растение.
Не постои јасна разлика помеѓу термините "банана" и "плантани". Во Америка и Европа под терминот "банана" се подразбираат меки, слатки десертни банани, посебно од групата Кевендиш, кои се и главен извозен производ од земјите каде се одгледуваат. Спротивно на тоа, сортите од родот Musa со поцврсти плодови и побогати со скроб се нарекуваат "плантани". Во други региони, како што е Југоисточна Азија, се одгледуваат други типови на банани кои се употребуваат во исхраната, така да оваа поделба ниту е корисна ниту се употребува во локалните јазици.
Терминот "банана" се користи и како заедничко име за други растенија кои го создаваат овој плод.[4] Терминот може да се примени и за другите членови од родот Musa, како што се: скарлет банана (Musa coccinea), розова банана (Musa velutina) и Феи банана (Musa × troglodytarum). Овој термин може да се однесува и на членовите од родот Ensete, како што е снежната банана (Ensete glaucum) и, економски значајната, лажна банана (Ensete ventricosum). И двата рода се припадници на фамилијата Musaceae. Бананите се вреден извор на витамин Б6, витамин Ц и калиум.