Антоцијанин
From Wikipedia, the free encyclopedia
Антоцијани (од старогрчки ἄνθος (антос) „цвет“ и κυάνεος/κυανοῦς (кианеос/кианус) „темно син/модар“), исто така наречени антоцијанини, ― вакуоларни пигменти растворливи во вода кои, во зависност од нивната pH вредност, може да изгледаат црвено, виолетово, сино или црно. Во 1835 година, германскиот фармацевт Лудвиг Кламор Маркарт го дал името антокијан на едно хемиско соединение кое на цвеќињата им давало сина боја за прв пат во неговиот трактат „Die Farben der Blüthen“ („Боите на цвеќињата“). Прехранбени растенија богати со антоцијани се боровинка, малина, црн ориз и црна соја, меѓу многу други кои се црвени, сини, виолетови или црни. Некои од боите на есенските лисја се добиени од антоцијани.[1][2]
Антоцијаните припаѓаат на матичната класа на молекули наречени флавоноиди синтетизирани преку фенилпропаноидниот пат. Тие се јавуваат во сите ткива на повисоките растенија, вклучувајќи ги лисјата, стеблата, корените, цвеќињата и плодовите. Антоцијаните се добиваат од антоцијанидините со додавање на шеќери.[3] Тие се без мирис и умерено адстрингентни.
Иако е одобрен како боја за храна и пијалоц во Европската унија, антоцијаните не се одобрени за употреба како прехранбени додатоци, бидејќи тие не се потврдени како безбедни кога се користат како состојки за храна или додатоци.[4] Не постојат убедливи докази дека антоцијаните имаат какво било влијание врз човечката биологија или болести.[4][5][6]