Ана Болејн
From Wikipedia, the free encyclopedia
Ана Болејн (1501 или 1507 – 19 мај 1536 ) — кралица на Англија од 1533 до 1536 година како втора сопруга на кралот Хенри VIII, како и Маркиза од Пембрук.[2] Поради нејзиниот брак со Хенри и подоцна нејзиното погубување, таа станува една од клучните фигури во политичките и религиските промени кои довеле до англиската реформација. Како ќерка на Томас Болејн и Елизабета Ховард, Ана имала повисок статус од Катерина Прат, подоцнежната сопруга на Хенри VIII, но понизок од претходната — Катерина Арагонска. Била школувана во Европа како придружничка на кралицата Клаудија. Во 1522 г. Ана се вратила во Англија.
Ана Болејн | |
---|---|
Ана Болејн насликана околу 1534 г. | |
Кралска придружничка на Англија | |
На позиција | 28 мај 1533 – 17 мај 1536 |
Крунисување | 1 јуни 1533 |
Сопружник | Хенри VIII |
Деца | Елизабета I |
Династија | Тјудори |
Татко | Томас Болејн |
Мајка | Елизабета Болејн |
Вероисповед | англиканство; порано католицизам [1] |
Потпис |
Во 1525 г., Хенри VIII се заинтересирал за Ана и се обидувал да ја заведе, но таа постојано го одбивала, не сакајќи да биде негова љубовница како сестра ѝ, Марија Болејн. Поради тоа, тој сакал да го поништи неговиот брак со Катерина Арагонска, за да може да се ожени со Ана. Кога станало јасно дека папата Климент VII нема да го поништи тој брак, започнал распадот на римокатоличка црква во Англија.
Кардиналот на Јорк, Томас Вулзи, бил отстранет од својата должност, наводно поради инсистирањата на Ана Болејн, за подоцна Томас Кранмер, капланот на семејствотто Болејн, да стане Кантербериски архиепископ. Хенри и Ана се венчале на 25 јануари 1533. Кранмер го поништил бракот на Хенри и Катерина, a 5 дена подоцна бракот меѓу Хенри и Ана го прогласил за важечки. По ова, папата ги казнил Хенри и Кранмер со изопштување од црквата. Поради исклучувањето и бракот, црквата на Англија се разделила од Рим, а контролата ја презел кралот.
На 1 јуни 1533 година Ана била прогласена за кралица на Англија. На 7 септември ја родила идната кралица, Елизабета I. Хенри ја обожувал Елизабет, но копнеел по син, надевајќи се дека следното дете ќе биде момче. Меѓутоа Ана доживеала три абортуса, по што Хенри изгубил интерес, а околу март 1536 година Хенри започнал да ѝ се додворува на Џејн Симор. Во периодот од април-мај 1536 година, Хенри започнал истрага против Ана за велепредавство. Таа била осудена и погубена на 19 мај. Многу историчари веруваат дека обвинувањата, кои вклучувале прељуба и инцест, биле неосновани. По крунисувањето на нејзината ќерка Елизабет, Ана станала симбол за маченик и хероина на англиската реформација, особено преку делата на Џон Фокс.[3] Во подоцнежните години, таа станала инспирација и била споменувана во многубројни уметнички и културни дела.[4] Таа важи за највлијателната и најважната сопруга на англиски крал, земајќи предвид дека поради нејзе Хенри VIII се развел од Катерина Арагонска и се разделил од Римската црква, нешта што целосно го промениле текот на англиската историја.