Американска тринга
From Wikipedia, the free encyclopedia
Американската тринга (лат. Tringa semipalmata, некогаш Catoptrophorus semipalmatus[1], англ. Willet), е голема крајбрежна птица (пескарка) од фамилијата Шлуки. Оваа птица се одликува со солидна големина и градба, и е најголема помеѓу трингите. Најсродна птица на неа е малата жолтонога тринга која е многу помала и изгледа сосем поинаку освен фината, јасна и густа шара на вратот која ја делат обата вида.
Американска тринга | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордати |
Класа: | Птици |
Ред: | Дождосвирни |
Семејство: | Шлуки |
Род: | Тринга |
Вид: | Американска тринга |
Научен назив | |
Tringa semipalmata | |
Подвидови | |
| |
Синоними | |
Catoptrophus semipalmatus |
Возрасните примероци имаат сиви нозе и долг, прав, темен и робусен клун. Телото им е темносиво од горната, а светлосиво од долната страна. Опашката е бела со темен појас на крајот. На северноамериканските плажи оваа птица лесно се препознава по карактеристичната црно-бела шара на крилата.
Два подвида на оваа птица (кои може и да се посебни видови) имаат сосем различни средини и предели. Источноамериканската тринга се размножува во крајбрежни солени мочуришта од Нова Шкотска до Мексико и Карибите. Презимува на атлантското крајбрежје на Јужна Америка. Западноамериканската тринга се размножува во слатководни прериски мочуришта на западот на Северна Америка. Презимува на обете крајбрежја, од средноатлантските држави, па јужно барем до Бразил на Атлантскиот Океан, и од Орегон, па јужно до Перу на Тихиот Океан.
Американската тринга се гнезди на земја, на мошне скриени места во ниска трева, честопати во колонии. Се храни во калива земја или во плитка вода, и бара храна со боцкање по калта или собира директно од површината. Главно се храни со инсекти, ракчиња и морски црви, но исто така јаде и извесен растителен материјал.
Во доцниот XIX и раниот XX век бројот на американските тринги нагло опаднал со нивен интензивен лов. Оттогаш нивниот број е зголемен, но сепак сѐ уште се на ризик, особено со постојаната загуба на нивните природни живеалишта.