провлак меѓу Индија и Шри Ланка From Wikipedia, the free encyclopedia
Адамов Мост, познат и како Рамов Мост (Рама Седу), — синџир од природни варовнички гребени, помеѓу Памбанскиот Остров, познат и како Рамесварамскиот Остров, во близина на југоисточниот брег на Тамил Наду, Индија и Манарскиот Остров, крај северозападниот брег на Шри Ланка. Геолошките докази наведувале дека овој мост е поранешна копнена врска меѓу териториите на денешните држави Индија и Шри Ланка.[1]
Адамовиот Мост е со должина од 48 километри и го дели Манарскиот Залив (на југозапад) од Палковиот Теснец (на североисток). Некои од регионите се суви и длабочината на морето во областа ретко надминува 1 метар, со што ја попречува навигацијата.[1] Наводно, тој бил прооден до 15 век кога бурите го продлабочиле каналот. Записите за Раманатасвамовиот храм велат дека Адамовиот Мост бил целосно над морското ниво сè додека не избувнал циклон во 1480 година.[2][3][4][5]
Западниот свет дознал за мостот преку „Книгата за патиштата и кралствата“ на Ибн Хордадбех (околу 850 година), во која тој го нарекол „Сет Бандај“ („Мостот на Морето“).[6] Некои рани исламски извори се однесувале на една планина во денешна Шри Ланка како да е Адамовиот Врв (местото каде што библискиот Адам наводно дошол на земјата). Изворите опишувале како Адам преминал од Шри Ланка во денешна Индија преку мостот по неговото протерување од Рајската Градина[7], што водело до името Адамов Мост.[8] Алберуни (околу 1030 година) веројатно бил првиот што го опишал на таков начин.[6] Еден британски картограф во 1804 година ја подготвил најраната карта што оваа област ја именувала со името Адамов Мост.[9]
Мостот започнува како ланец од гребени од врвот Данушкоди на индискиот Памбански Остров. Тој завршува на Манарскиот Остров во Шри Ланка. На Памбанскиот Остров се пристапува од индиското копно преку Памбанскиот Мост долг 2 километри. Манарскиот Остров е поврзан со копното на Шри Ланка со насип.
Недостатокот на сеопфатни теренски студии објаснувал многу од несигурностите во врска со природата и потеклото на Адамовиот мост. Најчесто се состоел од низа напоредни премини од песочник и конгломерати кои се тврди на површината и станувале груби и меки додека се спуштале до песочните брегови.[10] Групата за морски и водни ресурси на Центарот за вселенски примени на Индиската организација за вселенско истражување заклучила дека Адамовиот Мост се состои од 103 мали гребени.[10] Една студија привремено заклучила дека нема доволно докази кои укажуваат на евстатско појавување и дека подигнатиот гребен во јужна Индија веројатно е резултат на месно издигнување.[11]
За време на периодите на спуштено морско ниво во последните 100.000 години, Адамовиот Мост обезбедил наизменично копнено поврзување помеѓу Индија и Шри Ланка. Според познатите орнитолози Сидни Дилон Рипли и Брус Билер, ова го поддржувало викаријанскиот модел за видообразба кај некои птици од индискиот потконтинент.[12]
Поради плитките води, Адамовиот Мост претставува огромна пречка за навигацијата низ Палковиот Теснец. Иако трговијата помеѓу Индија и Шри Ланка била активна од првиот милениум п.н.е., таа била ограничена на мали чамци и чунци. Поголемите океански бродови од запад морале да пловат околу Шри Ланка за да стигнат до источниот брег на Индија.[13] Еминентниот британски географ Мајор Џејмс Ренел, кој го истражувал регионот како млад офицер кон крајот на 18 век, сугерирал дека „пловен премин може да се одржи со копање на теснецот Рамисерам“. Сепак, малку бил забележан неговиот предлог, можеби затоа што бил „млад и непознат офицер“, а идејата била оживеана дури 60 години подоцна.
Во 1823 година, Сер Артур Котон бил назначен да го истражува Памбанскиот Канал, кој го дели индиското копно од Рамесварамскиот Остров и ја образува првата врска на Адамовиот Мост. Геолошките докази покажувале дека копнена врска го премостувала во минатото, а некои записи од Раманатасваматскиот Храм навеле дека насилните бури ја прекинале врската во 1480 година. Котон предложил дека каналот може да се ископа за да се овозможи премин на бродови, но ништо не било направено до 1828 година, кога Мајор Сим го наредил минирањето и отстранувањето на некои карпи.[14][15]
Подетално поморско истражување на Адамовиот Мост било преземено во 1837 година од страна на поручниците Ф.Т. Пауел, Етерси, Грив и Кристофер, заедно со илустраторот Феликс Џонс и операциите за продлабочување на каналот повторно биле започнати следната година.[14][16] Меѓутоа, овие и последователните напори во 19 век не успеале да го одржат преминот пловен за кој било брод.[1]
Владата на Индија создала девет комитети пред независноста и пет комитети оттогаш, за да предложат усогласувања за проектот за каналот Сетусамудрам. Повеќето од нив предложиле копнени премини преку островот Рамесварам, а ниту еден не препорачал траса преку Адамовиот Мост.[17] Проектниот комитет на Сетусамудрам во 1956 година, силно и препорачал на владата на Унијата да користи копнени премини наместо да го сече Адамовиот Мост поради неколкуте предности на копнениот премин.[18]
Во 2005 година, Владата на Индија одобрила Проект за Сетусамудрамскиот превозен канал од повеќе милиони долари. Овој проект имал за цел да создаде бродски канал преку Палковиот Теснец со продлабочување на плиткото океанско дно во близина на Данушкоди. Се очекувало каналот да намали над 400 км (скоро 30 часа време на испорака) од патувањето околу островот Шри Ланка. Сегашната траса на овој предложен канал барала премин преку Адамовиот Мост.
Индиските политички партии и некои хинду организации се противеле на копањето од верски причини. Спорот е дека Адамовиот Mост е популарно идентификуван како патека опишана во „Рамајана“. Политичките партии и организации предлагале алтернативно усогласување за каналот што избегнува оштетување на Адамовиот Мост.[19][20] Тогашната држава и централната влада се спротивставиле на таквите промени, а министерот за сојузен транспорт, Т. Р Баалу, кој припаѓал на партијата Дравидска наптредна Федерација (Дравида Мунетра Кажагам) и бил силен поддржувач на проектот, тврдел дека сегашниот предлог е економски исплатлив и еколошки одржлив и дека нема други алтернативи.[21][22][23]
Противењето на ископот низ оваа патека исто така произлегува од загриженоста за нејзиното влијание врз екологијата и морското добросостојба на областа, потенцијалното губење на наслаги на ториум во областа и зголемениот ризик од штета поради цунамиња.[24] Некои организации се противеле на овој проект од економска и еколошка основа и тврдат дека не биле направени соодветни научни студии пред да се преземе овој проект.[25]
Древниот санскритски еп „Рамајана“ споменувал мост изграден од богот Рама со помош на војска Ванарци (мајмуни или шумски жители) за да стигне до Ланка и да ја спаси неговата сопруга Сита од Равана.[26] Според народното верување, Ланка се поистоветува со денешна Шри Ланка и се смета дека мостот е создаден од Рама; сепак, санскритските извори од првиот милениум често прават експлицитна разлика помеѓу двете и се чини дека оваа конотација била објавена дури во десеттиот век од чолските владетелите од јужна Индија кои барале причина да го нападнат островот пред да биде преизбрани од аријакакравартската династија од Џафна кои се истакнале како чувари на мостот.[27] Многу научници ја сместиле изворната Ланка во источниот дел на денешен Мадја Прадеш.[26][28]
Муслиманската традиција вели дека Адамовиот Мост го поминал Адам по неговото протерување од Рајската градина.[29][30]
Религиозните верувања дека геолошката структура ја изградил Рама предизвикле полемики бидејќи верниците го отфрлиле природното потекло на Адамовиот Мост. С. Бадринарајанан, поранешен директор на Геолошкиот институт на Индија,[31] портпарол на индиската влада во судски случај од 2008 година,[32] Високиот суд во Мадрас,[33] и епизода од серијата „Што на Земјата?“ (What on Earth?), на Science Channel, тврдела дека структурата е вештачка.[34]
Во епизодата од „Што на Земјата“, оние кои тврдат дека Адамовиот Мост бил изграден, ги засновале своите аргументи на нејасни шпекулации, лажни наведувања и поентата дека како и кај многу геолошки облици не е неспорно разрешен секој детаљ од неговото образување.[35] Индискиот геолог К.П. Раџендран ја опишал медиумската полемика како „одвратен“ пример за „ерата на послевистината, каде дебатите во голема мера се фокусирани на апели за емоции наместо на фактичката стварност“.[36][37]
НАСА соопштила дека нејзините сателитски фотографии биле исклучително погрешно протолкувани за да се истакне оваа поента за време на протестите против проектот за бродскиот канал Сетусамудрам. НАСА се изјаснила: „Сликите репродуцирани на мрежните страници можеби се наши, но нивното толкување секако дека не е. Сликите или фотографиите од орбитата со далечинско набљудување не можат да дадат директни информации за потеклото или староста на синџирот острови и секако, не можат да одредат дали луѓето биле вклучени во правењето на некој од видените линии.“[38]
Извештајот од Археолошкиот институт на Индија не нашла докази дека структурата е ништо друго освен природна формација.[39] Археолошкиот институт на Индија и владата на Индија го известиле Врховниот суд на Индија во изјава од 2007 година дека нема историски доказ дека мостот бил изграден од Рама.[40] Во 2017 година, Индискиот совет за историски истражувања (ICHR) објавил пилот студија за потеклото на структурата,[41] но продолжил да ја одложува.[42]
Во 2007 година, Управата за развој на туризмот во Шри Ланка се обидела да го промовира религиозниот туризам од хиндуските аџии во Индија со вклучување на феноменот како една од точките на нејзината „Рамајанска патека“, славејќи ја легендата за принцот Рама. Некои историчари од Шри Ланка го осудиле овој потфат како „грубо искривување на историјата на Шри Ланка“.[43] Идејата за Рама Сету (Адамовиот Мост) како свет симбол што треба да се присвои за политички цели се зајакнал по протестите против проектот за поморскиот канал Сетусамудрам.[44]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.