Јосиф Сталин
From Wikipedia, the free encyclopedia
Јосиф Висарионович Џугашвили Сталин (руски: Ио́сиф Виссарио́нович Джугашви́ли Ста́лин; грузиски: იოსებ ბესარიონის ძე ჯუღაშვილი 18 декември 1878[1] — 5 март 1953) — водач на Советскиот Сојуз од средината на 1920-тите години, сè до неговата смрт во 1953. Тој бил четврто дете во семејството кое се родило за помалку од четири години. Првите три деца умреле, поради што мајка му се плашела дека и тој наскоро ќе умре. Оттука може да се разбере нејзината голема преокупираност со него. Името Сталин е политичко име коешто тој си го избрал на 34 години и кое во превод значи челичен човек. Од други извори пак се вели дека прекарот Сталин го добил додека бил во затвор. Од болшевичките револуционери кои учествувале во Октомвриската Социјалистичка револуција во Русија во 1917 година, Сталин бил избран за прв Генерален секретар на Централниот Комитет на Болшевичката партија во 1922 година. Успешно ја консолидирал својата власт по смртта на Владимир Илич Ленин во 1924, преку проширување на овластувањата на неговата партиска функција, истовремено елиминирајќи каква било опозиција кон него во партијата. Ја држел оваа партиска функција сè до 1952 кога ја укинал, а владеењето го продолжил преку функцијата Премиер на Советскиот Сојуз, која ја држел од 1941 година, па сè до неговата смрт.
Јосиф Сталин | ||
Роден | 18 декември 1878
Гори, Руска Империја денеска Грузија | |
---|---|---|
Починал | 5 март 1953
Москва, СССР |
Советски Сојуз |
Оваа статија е дел од темата: |
|
Водство
Влада
Законодавство
Судство
Комунистичка партија
Историја & Политика
Општество
|
Атлас |
За време на сталиновото владеење, концептот за "социјализам во една држава" станал основен темел на советското општествено уредување. Сталин ја заменил Новата економска политика (НЕП) воведена од страна на Ленин во раните 1920-ти години, со високо централизирана командна економија, започнувајќи период на индустријализација и колективизација, кои резултирале со нагла трансформација на СССР од земјоделско општество во индустриска сила.[2] Но сепак, економските реформи биле пропратени со затворање на милиони луѓе во советските казнено поправни работнички логори познати како гулази,[3] како и со депортирање на милиони луѓе во далечните области на Советскиот Сојуз.[3] Ваквите нагли пресвртници во советското општествено уредување резултирале со прекинато производство на храна и придонеле за Советскиот глад од 1932-1933, познат како Гладомор во Украина, а кој резултирал со смртта на помеѓу 6 и 8 милиони луѓе, од кои 4 до 5 милиони биле Украинци.[4] Подоцна, во периодот од 1936 до 1939 година, Сталин започнал поход против наводни непријатели на неговиот режим, уште попозната како Големата чистка, во која стотици илјадници луѓе биле погубени. Познати личности од Комунистичката Партија на Советскиот Сојуз како старите болшевици, Лав Троцки и поголем дел од главните команданти на Црвената Армија биле погубени, затворени или прогонети откако биле обвинети и осудени за учествување во заговор за отфрлување на владата на Сталин во однапред наместени судења.[5]
Во август 1939, Сталин склучил Пакт за ненапаѓање со Нацистичка Германија, со кој биле договорени сферите на влијание во источна Европа, но подоцна Нацистичка Германија го прекршила пактот со нападот врз Советскиот Сојуз на 22 јуни 1941, уште попознат како Операција Барбароса. И покрај огромните загуби во територии и во човечка сила, советските вооружени сили успеале да ги спречат германските напредувања во битките за Москва и за Сталинград. Откако успешно ги поразила силите на Оската на Источниот Фронт во Втората светска војна, Црвената Армија го зазела Берлин во мај 1945, со што Втората светска војна во Европа завршила со победа на Сојузниците.[6][7] Советскиот Сојуз излегол од Втората светска војна како победник и како светска велесила на исто ниво со САД.[8] На Конференцијата во Јалта и на Конференцијата во Потсдам било одобрено формирање на социјалистички влади во државите од Источниот блок кои му биле лојални на Советскиот Сојуз, што Сталин го сметал за неопходно во случај на нова војна. Исто така, Сталин одржувал блиски односи со Мао Це Тунг во Кина и со Ким Ил Сунг во Северна Кореја.
Сталин го водел Советскиот Сојуз низ неговата поствоена обнова, која меѓу другото, резултирала и со зголемување на тензиите со западниот свет, што подоцна станало познато како Студената Војна. Во овој период, Советскиот Сојуз станал втората држава во светот која успешно развила сопствено јадрено оружје. После сушата и гладот од 1946-1947 година, кои резултирале со смртта на 1 милион до 1,5 милиони луѓе,[9] Сталин го предложил својот Голем план за трансформација на природата со цел да се спречи нова суша и нов глад, а во овој период Сталин ги испланирал и своите Големи градежни проекти на комунизмот, кои предвидувале изградба на брани и хидроцентрали низ Советскиот Сојуз. Во годините кои следувале по неговата смрт во 1953 година, Сталин и неговиот режим биле осудувани во повеќе прилики, а најзабележително во 1956 година, кога на 20-от Конгрес на Комунистичката Партија на Советскиот Сојуз, Никита Хрушчов се одрекол од делата и постапките на Сталин за време на сталиновото владеење и започнал процес на десталинизација. До денешен ден, Јосиф Сталин останува контроверзна личност, додека многумина го сметаат за тиранин,[10] мислењата за него во денешната Руска Федерација се измешани.[11][12][13]