Нилски коњ
From Wikipedia, the free encyclopedia
Нилски коњ (науч. Hippopotamus amphibius, од стаогр. ἱπποπόταμος (хипопотамос, ιππος хипос што значи „коњ“ и πόταμος потамос што значи „река“) — голем, претежно тревопасен африкански цицач, еден од двата преживеани видови од семејството на нилските коњи (другиот преживеан вид е пигмејскиот нилски коњ). Тој е најтешкиот претставник од парнокопитните животни.
Нилски коњ | |
---|---|
Обичен нилски коњ, Hippopotamus amphibius | |
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Цицачи |
Ред: | Парнокопитни |
Семејство: | Нилски коњи |
Род: | Нилски коњ Линеј, 1758 |
Вид: | Обичен нилски коњ |
Научен назив | |
Hippopotamus amphibius Линеј, 1758[2] | |
Нилскиот коњ е полуводно животно, кое живее во реките и езерата на Потсахарска Африка во групи од 5 до 30 нилски коњи. Преку денот ја одржува температурата седејќи во вода или во кал. Парењето и породувањето се одвиваат во вода. Во квечерината излегуваат од вода за да се хранат. Додека се во вода, нилските коњи седат во групи (и до 40 единки), а пасењето е самотна активност.
И покрај нивната физичка сличност со свињите, нивните најблиски роднини сепак се животните од семејството на китовите (китови, делфини, итн.). Заедничкиот предок на нилскиот коњ и китот се одвоил од останатите копитари пред околу 60 милиони години. Најстарите пронајдени фосили кои спаѓаат во родот кенијапотам датираат од пред 16 милиони години.
Нилскиот коњ е лесно препознатлив по телото со облик на буре, огромната уста и заби, кратките набиени нозе и кожата без крзно. По големина е сличен на белиот носорог, само слонот е многу поголем од него. И покрај големината, нилските коњи се доста подвижни. На кратки растојанија можат да трчаат и 48 км/ч, што е побрзо од олимписки спринтер. Ова животно е едно од најагресивните животни во Африка. Денес се смета дека има помеѓу 125.000 и 150.000 нилски коњи во Потсахарска Африка, од кои 40.000 во Замбија и Танзанија, со најголема популација од 20.000 до 30.000 единки.[1] Овој вид сè уште е загрозен од ловокрадството поради нивното месо и забите, како и од уништувањето на нивното природно живеалиште.