Мачка
домашно животно / From Wikipedia, the free encyclopedia
Обична мачка (латински: Felis silvestris catus или латински: Felis catus) — најраспространетиот вид од семејството мачки (Felidae): како дива или домашна (Felis ocreata domestica) ја има насекаде. Иако е припитомена, мачката не го загубила својот инстинкт на ловец и кога лови на жртвата ѝ се приближува со бесшумно прикрадување. И таа, како другите мачки, преде кога е задоволна. Иако ловат сами, мачките се социјални суштества и користат разни вокализации, феромон и видови говор на тело за комуникација, како мјаукање, предење, `ржење и сл.
Мачка | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Животни (Animalia) |
Колено: | `Рбетници (Vertebrata) |
Класа: | Цицачи (Mammalia) |
Ред: | Месојадци (Carnivora) |
Подред: | Мачковидни (Feliformia) |
Семејство: | Мачки (Felidae) |
Потсемејство: | Felinae |
Род: | Felis |
Вид: | Felis silvestris |
Подвид: | Мачка домашна |
Научен назив | |
Felis silvestris catus (Linnaeus, 1758) | |
Анатомијата на мачката е слична со онаа на другите животни од родот Мачки, со силно, еластично тело, брзи рефлекси, остри канџи и заби прилагодени за убивање ситен плен. Како ноќни грабливци, мачките го користат нивниот остар слух и вештината да гледаат во темно за да го најдат својот плен. Не само што слушаат звуци што се преслаби за да ги регистрира човечкото уво, туку тие исто така слушаат и звуци со повисока честота. Мачките исто така имаат и многу подобро сетило за мирис од тоа на луѓето.
Со луѓето е од многу одамна. Во стариот Египет, мачката била дури свето животно. Бастет, на пример, била мачколика божица на музиката, на танцот и на мајчинството. За разлика од кучето, мачката е многу понезависна и приврзана им е само на оние што знаат да ја пленат. Се претпоставува дека домашната мачка потекнува од дивата мачка од Стариот Свет (Европа, Азија, Африка) која е малку поголема и има подолга опашка.
Весникот The New York Times во 2007 напишал дека иако до неодамна за мачката се верувало дека била припитомена во стариот Египет каде била култно животно", [1] една понова студија, од истата година, открива дека сите домашни мачки веројатно водат потекло од африканската дива мачка (Felis silvestris lybica), припитомени некаде околу 8000 п.н.е., на Блискиот Исток.[2] Најстариот директен доказ за припитомената мачка е маче закопано до човек, уште пред 9.500 години на Кипар.[3][4]