Мали сипаници
заразна болест на дишниот систем / From Wikipedia, the free encyclopedia
Мали сипаници или морбили (латински: morbilli) — високозаразна болест на дишниот систем предизвикана од вирус од групата миксовируси (paramyxovirus), од родот Morbillivirus.[3][9] Болеста најчесто се јавува кај малите деца, при што не се исклучени и бебињата (иако тие во првите шест месеци од животот се заштитени преку имунитетот од мајката). Симптомите вообичаено започнуваат да се јавуваат 10–12 дена после изложувањето и траат 7–10 дена.[6][7] Првичните симптоми вклучуваат треска, често со температура поголема од 40 °C (104.0 °F), кашлица, течење на носот, и воспалени очи.[3][4] Мали бели точки познати како Копликови петна може да се формираат од внатрешната страна на устата два до три дена после почетокот на симптомите.[4] Црвен исип вообичаено се јавува на лицето, а потоа се проширува на остатокот од телото три до пет дена после почетокот на симптомите.[4] Чести компликации вклучуваат појава на дијареа (во 8% од случаите), воспаление на средното уво (7%) и пневмонија (6%).[5] Поретко се јавуваат напади, слепило, или воспаление на мозокот.[5][6] Малите сипаници се познати и под други имиња како морбили, рубеола.[1][2] Рубела и розеола се различни заболувања и чии причинители се други несродни вируси.[10]
Ве молиме, обрнете внимание на ова важно предупредување во врска со темите од областа на медицината (здравјето). |
Мали сипаници | |
---|---|
Синоними | Морбили, рубеола[1][2] |
Дете со осип на мали сипаници | |
Специјалност | Инфектологија |
Симптоми | Треска, кашлица, течење на носот, воспалени очи, осип[3][4] |
Компликации | пневмонија, напади, енцефалитис, субакутен склерозирачки паненцефалитис[5] |
Вообичаена појава | 10–12 дена после изложување[6][7] |
Времетраење | 7–10 дена[6][7] |
Причинители | Вирус на морбили[3] |
Превенција | Вакцина против морбили[6] |
Третман | Супортивна нега[6] |
Честота | 20 милиони годишно[3] |
Смртни случаи | 73,400 (2015)[8] |
Малите сипаници лесно се пренесуваат по воздушен пат преку кашлица и кивање од инфицирани луѓе.[6] Исто така може да се пренесат преку контакт со плунка или назален секрет.[6] Девет од десет луѓе кои не се имуни и се во контакт и делат простор со инфицирано лице ќе бидат заразени.[5] Луѓето можат да бидат преносители на вирусот почнувајќи од четири дена пред до четири дена после појавата на осипот.[5] Стекнатиот имунитет е траен, и повеќето луѓе не заболуваат по вторпат.[6] Тестирањето за вирусот на мали сипаници кај суспектни случаи е значајно во напорите во јавното здравје за контрола на болеста.[5]
Вакцината против морбили е ефикасна во превенција на болеста, и вообичаено се администрира во комбинација со други вакцини.[6] Вакцинацијата резултирала со намалување на смртните случаи од морбили за 75% во периодот помеѓу 2000 и 2013, при што околу 85% од децата во светот моментално се вакцинирани.[6] Не постои специфичен третман доколку едно лице се зарази,[6] меѓутоа супортивната нега може да го подобри исходот.[6] Таа вклучува давање на орален раствор за рехидратација, здрава исхрана, и лекови за контрола на треската.[6][7] Антибиотици може да се дадат доколку се развие секундарна бактериска инфекција, како на пример бактериска пневмонија.[6] Суплементација со витамин A исто така се препорачува во земјите во развој.[6]
Годишно од морбили се заразуваат околу 20 милиони луѓе,[3] воглавно во регионите во развој во Африка и Азија.[6] Ниту една друга болест која може да биде превенирана со вакцинација не предизвикува толку голем број на смртни случаи.[11] Во 1980, 2,6 милиони луѓе починале од морбили,[6] а во 1990, починале 545,000; до 2014, глобалните програми за вакцинација го намалиле бројот на смртни случаи од морбили на 73,000.[8][12] Стапките на заболување и смртност, сепак, биле зголемени во 2017 поради намалување на опфатот на имунизација.[13] Ризикот за смртност помеѓу инфицираните вообичаено е околу 0.2%,[5] но може да биде и до 10% кај луѓе со малнутриција.[6] Повеќето од смртните случаи се јавуваат кај деца помали од пет години.[6] Се смета дека морбилите не се јавуваат кај други животни.[6] Пред имунизацијата во САД, годишно се јавувале помеѓу три и четири милиони случаи.[5] Како резултат на широкораспространетата вакцинација, болеста била прогласена за елиминирана во Америка во 2016.[14] Сепак, во 2017 и 2018 повотрно се појавиле нови случаи во овој регион.[15]