Калкулатор
From Wikipedia, the free encyclopedia
Калкулатор или дигитрон – мал, преносен, електронски уред наменет за извршување пресметки, од едноставни аритметички, до комплексни математички пресметки.
Првиот полуспроводнички електронски калкулатор бил конструиран во шеесеттите години на дваесеттиот век, надградувајќи ја историјата на алатки за пресметување како абакусот (создаден околу 2000 година п.н.е.) и механичкиот калкулатор (создаден во XVII век).
Џебните калкулатори станале достапни во седумдесеттите години на дваесеттиот век, особено по создавањето на првиот микрообработувач, Интел 4004, развиен од Интел за јапонската компанија за калкулатори Бусиком.
Модерните електронски калкулатори варираат од евтини, модели со големина на кредитна картичка до прави канцелариски уреди со вградени печатачи. Станале особено популарни во средината на 1970-тите кога интегрираните кола ги смалиле димензиите и цената. До крајот на деценијата, цената на калкулаторите се намалиле на ниво основен калкулатор да биде достапен за повеќето луѓе и станале вообичаени во училиштата.
Компјутерските оперативни системи почнувајќи уште од Јуникс (Unix), вклучувале интерактивни пресметковни програми, и овие функции се вклучени во скоро сите персонални дигитални асистенти и мобилни телефони.
Во 1986 година, според процените калкулаторите претставувале 41% од хардверскиот капацитет што се користел за пресметување информации. Во 2007 година, оваа бројка паднала на помалку од 0,05%[1].