Смртност на доенчиња
From Wikipedia, the free encyclopedia
(Бр. на умрени новороденчиња на возраст помала од 1 година на 1000 раѓања)
Смртност на новороденчиња, или Смртност на доенчиња, ― смрт на доенчиња на возраст под 1 година.[1] Овој број на смртни случаи се мери со стапката на смртност на новороденчиња (ССД), што е веројатноста за смрт на деца под една година на 1000 живородени деца.[2] Стапката на смртност до пет години, која се нарекува стапка на смртност на децата, е исто така важен статистички показател, имајќи предвид дека стапката на смртност на доенчиња се фокусира само на деца под една година.[3]
Во 2013 година, водечка причина за смртност кај новороденчињата во Соединетите Држави биле вродени аномалии.[4] Други водечки причини за смртност на доенчињата се вродена асфиксија, пневмонија, вродени малформации, усложувања при породување како што се абнормална презентација на пролапс на папочната врвца на фетусот, или продолжено породување,[5] неонатална инфекција, пролив, маларија, сипаници и неисхранетост.[6] Една од најчестите причини за смртност на доенчиња што може да се спречат е пушењето за време на бременоста.[7] Недостатокот на пренатална грижа, консумирањето алкохол за време на бременоста и употребата на дрога, исто така, предизвикуваат компликации што може да резултираат со смртност на доенчиња.[8] Многу фактори на животната средина придонесуваат за смртноста на доенчињата, како што се степенот на образование на мајката, условите на животната средина и политичката и медицинската инфраструктура.[9] Подобрувањето на санитарните услови, пристапот до чиста вода за пиење, имунизацијата против заразни болести и други мерки за јавно здравје може да помогне да се намалат високите стапки на смртност кај новороденчињата.
Во 1990 година, на светско ниво умреле 8,8 милиони доенчиња помлади од 1 година.[10] До 2015 година, оваа бројка е речиси преполовена на 4,6 милиони смртни случаи на доенчиња.[11] Во истиот период, стапката на смртност на доенчиња била намалена од 65 смртни случаи на 1.000 живородени на 29 смртни случаи на 1.000.[12] На светско ниво, 5,4 милиони деца починале пред нивниот петти роденден во 2017 година.[13] Во 1990 година, бројот на смртни случаи на деца бил 12,6 милиони.[11] Повеќе од 60% од овие смртни случаи можеле да бидат избегнати со ситни мерки како што се непрекинато доење, вакцини и подобрена исхрана.[14]
Стапката на детска смртност, но не и стапката на смртност на доенчиња, е показател што бил користен за следење на напредокот кон Четвртата цел од Милениумските развојни цели на Обединетите нации за 2015 година. Намалувањето на смртноста кај децата сега е цел на Целите за одржлив развој - цел број 3: Обезбедување здрав живот и промовирање на благосостојба за сите на сите возрасти.[15] Низ целиот свет, стапката на смртност на доенчиња (ССД) драстично флуктуира, а според биотехнологијата и здравствените науки, образованието и очекуваниот животен век во земјата се водечки показател за ССД.[16] Оваа студија била спроведена во 135 земји во текот на 11 години, при што континентот Африка има највисока стапка на смртност на доенчиња од кој било проучуван регион со 68 смртни случаи на 1.000 живородени.[16]