Шума
подрачје густо обраснато со дрвја / From Wikipedia, the free encyclopedia
Шума — подрачје што е густо обраснато со дрвја. Шумите покриваат 9,4% од површината на Земјата или 30% од вкупната копнена површина), но некогаш покривале 50%. Имаат значајна улога како живеалишта за организмите, како фактори во кружењето на водата и запазувачи на почвите. Со тоа, тие се меѓу најважните елементи на биосферата. Во нив се присутни цели 90% од сувоземната биоразновидност во светот.[1]
Една шума се состои од горен кат (кај крошните) и долен кат, кој потоа се дели на кат на грмушки, кат на билки и кат на мовови и почвени микроорганизми. Кај извесни посложени шуми постои и изразен меѓукат на пониски дрвја.
Шумите се од огромно значење за човекот и останатиот жив свет. Тие имаат производни, заштитни и општокорисни функции. Производните функции на шумите се во насока на производство на дрво и други шумски производи. Заштитните функции на шумите се во насока на заштита на природата со заштита на биоразновидноста, заштита од ерозија и спречување на природни непогоди како поплави и др. Општокорисните функции на шумите се во насока на одржлив развој и унапредување на животната средина, а се остваруваат преку благопријатното влијание врз климата на планетата, пречистувањето на водите, производството на кислород, подобрувањето на квалитетот на животна средина.[2]