село во Општина Прилеп From Wikipedia, the free encyclopedia
Штавица — село во Општина Прилеп, во околината на градот Прилеп.
Штавица | |
Панорама на селото Штавица | |
Координати 41°15′33″N 21°34′04″E | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Прилеп |
Население | 41 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 7500 |
Повик. бр. | 048 |
Шифра на КО | 20113 |
Надм. вис. | 800 м |
Слава | Спасовден |
Штавица на општинската карта Атарот на Штавица во рамките на општината | |
Штавица на Ризницата |
Селото Штавица се наоѓа на југоисточната страна на Прилепското Поле, во средишниот (до 2004 година краен јужен) дел на Општина Прилеп.[2] оддалечено 13 километри јужно од Прилеп. Штавица е сместено во дното на долот на допирот помеѓу Селечка Планина и отворот кон пространта рамнина на Прилепското Поле, односно Пелагонија. Веднаш крај селото минува патот од Прилеп кон Мариово преку превојот Слива.
Штавица е ридско село сместено на надморска височина од 800 метри,[2] помеѓу селата Чумово на север, Марул на југ и Мало Рувци на запад. Од градот Прилеп селото е оддалечено 18 километри.[2] Источно од Штавица се издига карпеста падина со оскудна паша. Нивите се во поголем дел прекриени со планински нанос и лежат западно од селото.
Водата за пиење се добива од една чешма и неколку кладенци. Штавица е село од разреден тип. Се разликуваат поедини групи на куќи, коишто се наречени по родовите, како – Вршковци, Дервишовци, Џаковци и други.[2] Имињата на потезите околу селскиот атар се: Веселец, Џавато, Бутиње, Слива, Буков дел (таму е зачувана букова шума), Турска Планина, Рамна Леска, Горен Врв, Клетовник, Каменица, Метиловка, Среден Рид, Ветрова Воденица, Мекоец, Нерезиње, Црвеница, Смреков Дол, Бојчејча, Заридски Гробишта, Латински Гробишта и Крсто.[2] Атарот на селото зафаќа површина од 17,4 км, од кои пасиштата заземаат 925 хектари, а обработливото земјиште 708 хектари.
Потегот „За ридски Гробишта“ лежи јужно од селото на оддалеченост околу 500 метри. На површината на земјата се гледаат надргобни камени плочи. Постои и еден крст. Кај овој крст до 1946 година, селаните „шетале со крстови на Духовден“. Жителите зборуваат дека „тоа се христијански гробја“ останати од некоја постара населба.[2] Таа пропаднала „кога тепала чума“.
Денешната Штавица е основана пред околу 170 години од страна на доселеници. Најнапред се населиле предците на денешните родови кои го слават Св. Мина. Тоа се: Дељовци, Јолевци, Толевци и др. Дошле „од кај Тиквеш“ како еден род, после нив се населиле предците на останатите селски родови. Околу 2 км јужно од Штавица е местото „Латински Гробишта“. Сега таму се наоѓаат ниви. Се зборува дека на тоа место, биле закопани „бабари кои се испотепале меѓусебно“.[2] Пред крајот на турското владеење во Штавица постоеле 4 чифлици.[2] Сопственици биле Салија, Мујазија, Рушит и Рамо. Тоа биле прилепски Турци. Тие го зафаќале половината од селскиот атар. Селаните работеле како момци на чифлиците. Некои имале и своја земја. Чифлиците пропаднале 1912 година. Населението ја купило земјата. Во ова село постои црква, Рождество на Пресвета Богородица изградена пред околу 90 години. Гробиштето е северно од Штавица. Бројот на домаќинства кај населението изнесува: 1921 г. - 47, 1948 г. – 64, 1961 г. - 63 и 1971 г. – 63. Селото во 1955 година имало вкупно 70 домаќинства.
Според составот на селскиот атар и занимањето на жителите Штавица има поледелско сточарска функција.[2] Малубројното останато население се занимава најмногу со сточарство односно одгледување на овци, а во помала мерка и на крупен добиток како крави и волови, и поледелство односно одгледување на тутун и жита како пченица и јачмен. Исто така некогашните жители кои сѐ уште имаат имоти и обработливо земјиште во селото, се занимаваат со одгледување на тутун.
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според пописот од 2002 година во селото Штавица живееле 84 жители, сите Македонци.[3]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Штавица е претставено како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 45 куќи.[4]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.[5]
Селото Штавица отсекогаш било населено исклучиво со Македонци, а во последните 50 години бележи постојан пад на бројот на своето население. Во 1961 година во Штавица живееле 494 жители, а во 1994 бројот спаднал на 107 жители, македонско население.[2]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 41 жител, од кои 35 Македонци и 6 лица без податоци.[6]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 322 | 360 | 444 | 493 | 494 | 413 | 264 | 127 | 107 | 84 | 41 |
Во Штавица живее македонско население, кое потекнува од доселеници.
Според истражувањата од 1955 година, родовите се:
Селото влегува во рамките на големата Општина Прилеп, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така било дел од тогашната помала Општина Прилеп.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Старо Лагово, во која покрај селото Штавица, се наоѓале и селата Алинци, Беровци, Волково, Галичани, Мало Рувци, Ново Лагово, Прилепец, Старо Лагово и Чумово. Општината Старо Лагово постоела и во периодот 1950-1952 година.
Во селото постои избирачкото место бр. 1439 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[12]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 71 гласач.[13]
Мариовското село Штавица на сообраќаен знак пред селото е преименувано во Мал Холивуд. Штавица се наоѓа на патот од Прилеп за Мариово и е порта за огромната територија од Македонија со одвај 800 старци. Ретко посетуваните штавичани се гордеат дека биле домаќини на филмските глумци, продуценти и статисти во филмовите на македонскиот режисер Милчо Манчевски. Поради тоа, некому му текнало, и селото го прекрстил во Мал Холивуд. Ставил и табла на скршнувањето од асфалтот кон макадамот. Штавица беше примамлива за филмаџиите. Режисерот Милчо Манчевски таму снимаше кадри за филмовите „Пред дождот“ и „Прашина“.
Постари иселеници има во Мало Рувци (Чакмаковци), Ерековци (Вршковци), Марул (Стевановци). После Втората светска војна населението воглавно се иселувало во градот Прилеп.[11]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.