Трансформатор
From Wikipedia, the free encyclopedia
Трансформатор — електричен уред што ја пренесува електричната енергија со променливо поле од едно во друго коло, без никакви подвижни делови. Трансформаторот се состои од две (или повеќе) намотки или една намотка со повеќе изводи. Трансформаторите се користат да го зголемуваат или намалуваат напонот, да го менуваат отпорот, или да обезбедат електрична изолација помеѓу колата.
Трансформаторот е еден од наједноставните електрични уреди. Неговиот основен дизајн, материјалите и принципите малку се промениле во последните 100 години, но сепак дизајнот и материјалот на трансформаторот продолжуваат да се унапредуваат. Трансформаторите се значајни за пренесување на електрична енергија со висок напон кој обезбедува заштеда во текот на преносот на поголема далечина.
Најпростите трансформатори се составени од две намотки- примар и секундар. Наизменичната струја која тече низ намотките на примарот создава магнетен тек кој, преку јадрото, предизвикува индукција во намотките на секундарот.
Главната примена на трансформаторите е за снабдување на енергија од електричните централи, преку преносната мрежа, до крајните потрошувачи. При овој пренос, енергијата претрпува неколку трансформации во т.н. трафостаници.