Референдум
директно изјаснување на кој целото гласачко тело е прашано за одреден предлог / From Wikipedia, the free encyclopedia
Референдумот претставува облик на непосредно одлучување на граѓаните за одреден правен акт или за донесување на одредена одлука од посебно значење за државата или локалната заeдница. Референдумот претставува најзначајна и најраспространета институција на непосредната демократија во светот.
Плебисцит е организирано изјаснување на народот по некое прашање. Настанал во Стариот Рим како облик на непосредна демократија. Разликите меѓу референдумот и плебисцитот се мали, при што референдумот почесто се применува кога се во прашање законите, а плебисцитот е во врска со изјаснувањето за обликот на владеење или некое друго важно прашање. Граѓаните се изјаснуваат со да или не. Во поновата историја користењето на плебисцитот прв го вовел Наполеон со поставување прашање дали народот го прифаќа за доживотен конзул, односно дали се признава наследноста на царската титула во неговата фамилија. Називот плебисцит првпат е употребен за време на владеењето на Наполеон III кој во два наврата непосредно му се обраќал на народот во 1851 и 1870 година.
За разлика од плебисцитот за внатрешните прашања, плебисцитот во врска со меѓународните прашања е еден од начините за остварување на правото за самоопределување. Со плебисцит се одлучува по прашањето за суверенитет на државата во која ќе живеат граѓанните. Во извесни ситуации, плебисцитот претставува само потврда за анексија, на пример, или за веќе однапред донесена одлука.