From Wikipedia, the free encyclopedia
Револуциите од 1848 година, познати во некои земји и како Пролет на народите [2] или Пролет на нациите, биле серија на политички превирања низ Европа во 1848 година. До денес е најголемиот револуционерен бран во европската историја.
Револуциите од 1848 | |
---|---|
Барикада на улицата Суфло,[1] слика од 1848 година на Хорас Вернет | |
Други имиња | Пролет на нациите, Пролет на народите, Година на револуција |
Учесници | Франција , германските држави, Австриската Империја, Унгарија, италијанските држави, Данска, Молдавија, Влашка, Полска и други |
Место | Западна, Северна и Средна Европа |
Датум | 23 февруари 1848 – октомври 1849 |
Исход | Види Настани по земја и регион
|
Револуциите во суштина имале демократска и либерална природа, за да се отстранат старите монархиски структури и да се создадат независни национални држави. Биле погодени преку 50 земји, но без значителна координација или соработка меѓу нивните револуционери. Како главни фактори за избувнување на револуциите се наведуваат: широко распространетото незадоволство од политичките лидери, барањата за поголемо учество во власта и демократијата, барањата за слобода на печатот, други барања од работничката класа за економски права, појавата на национализмот,[3] и Европската компирова криза, која предизвикала глад, раселување и граѓански немири.[4]
Револуциите од 1848 се јавиле како резултат на разновидни причини и затоа на нив не треба да се гледа како резултат на кохерентно движење или збир на општествени феномени. Во првата половина на 19 век се случиле многу промени во европското општество. И либералните реформатори и радикалните политичари целосно ги преструктуруирале националните влади. Развојот на технологијата го унапредил животот на работничката класа. Печатот ја зголемил политичката свест и почнаале да се појавуваат нови вредности и идеи, како што се популарниот либерализам, национализмот и социјализмот.
Голем дел од благородништвото било незадоволно од кралскиот апсолутизам. Во 1846 година, избувнало востанието на полското благородништво во австриска Галиција, кое било задушено кога селаните се кренале против благородниците.[5] Исто така, се планирало востание на демократските сили во Голема Полска против Прусија, но не било спроведено.
Желбата за реформи ги обединила средната и работничката класа, кои иако имале слични цели, нивното учество во револуциите се разликувало. Иако иницијативата произлегла од средната класа, пониските слоеви на населението биле главен двигател на движењето. Бунтовите најпрво избувнале во градовите.
Во секоја земја, револуционерните настани се случувале во различни периоди, но скоро секаде целиот циклус се одвивал во неколку фази, реформите на почетокот биле успешни, а потоа почнувале да слабеат.[6]
Пролетта во 1848 година имало револуции насекаде низ Европа и се чинело дека револуционерите се на работ на успехот на сите тие места. Агитаторите кои претходно биле протерани од старите влади се враќале дома за да го искористат моментот. Во Франција, повторно била соборена монархијата и била заменета со република. Во мноштво големи германски и италијански покраини, како и во Австрија, власта била принудена да усвои либерален устав. Италијанските и германските држави се чинело дека брзо ќе се обединат. Австрија на Унгарците и на Чесите им дала поголема автономија и статус на нација.[7]
Во Франција, избувнале крвави улични борби меѓу реформаторите од средната класа и радикалите од работничката класа. Германските реформатори бескрајно се расправале за тоа како да се продолжи понатаму, без да го консолидираат првичниот успех.[8]
Откако првично биле фатени неспремни, аристократијата и нивните сојузници почнале да коваат план за тоа како да се вратат на власт.[8]
Летото 1849 година, револуциите претрпеле серија порази. Реакционерите се вратиле на власт, а многу од водачите на револуциите биле пратени во егзил. Сепак, некои од социјалните реформи биле зачувани, а многу години подоцна националистите во Германија, Италија и Унгарија ги постигнале своите цели.[9]
Првиот поголем бунт се случил во Палермо на Сицилија, во јануари 1848, иако настанот првично остана незабележан од европската јавност. Претходно имало уште неколку бунтови против владеењето на Бурбонците; по што била создадена независна држава која опстојала 16 месеци пред Бурбоните да се вратат на власт. Уставот донесен во тие месеци бил прогресивен за своето време. Исто така, било предложено да се создаде конфедерација на италијански држави. Иако бунтот бил неуспешен, 12 години подоцна Бурбонското кралство на двете Сицилии било укинато (1860–61) поради обединувањето на Италија .
„Февруарската револуција“ во Франција започнала по задушувањете на кампањите на банкети. Оваа револуција била поттикната од националистичките и републиканските идеали кај пошироката француска јавност, која верувала дека народот треба да владее сам со себе. Со ова се ставило крај на уставната монархија на Луј-Филип и довело до создавање на Втората Француска Република. Новата влада била предводена од Луј-Наполеон, внук на Наполеон Бонапарт, кој во 1852 година извршил државен удар и го основал Второто Француско Царство.[10]
Алексис де Токвил во своите Мемоари за овој период забележал: „Општеството беше поделено на два дела: оние кои немаа ништо обединети со заедничката завист и оние кои имаа нешто обединети во заеднички терор“.[11]
„Мартовската револуција“ во германските покраини избувнале во Западна и Јужна Германија, со масовни народни собири и жестоки демонстрации. Предводени од добро образовани студенти и интелектуалци,[12] побарале германско национално единство, слобода на печатот и слобода на собирање. Востанијата речиси и да не биле координирани, но имале заедничка цел: отфрлање на традиционалните, автократски политички структури во 39-те независни држави од Германската Конфедерација. Средната и работничката класа кои ги воделе револуциите се разишле, и на крајот конзервативната аристократија ја поразила револуцијата, принудувајќи многу либерали на егзил.[13]
Во Данска владеел систем на апсолутна монархија уште од 17 век. Кралот Кристијан VIII, умерен реформатор, но сепак апсолутист, починал во јануари 1848 година во време на растечко противење од земјоделците и либералите. Новиот крал, Фредерик VII, ги исполнил барањата на либералите и назначил нов кабинет во кој биле вклучени истакнати водачи Национал-либералната партија.[14]
Национално-либералното движење сакало да го укине апсолутизмот, но и да ја задржи силно централизираната држава. Кралот прифатил нов устав во кој се согласува да ја сподели власта со дводомниот парламент наречен Ригсдаг. Иако армиските офицери биле незадоволни, тие го прифатиле новиот договор, кој, за разлика од остатокот од Европа, не бил укинат од реакционерите.[14] Либералниот устав не важел за Шлезвиг, а прашањето за Шлезвиг-Холштајн останало отворено.
Војводството Шлезвиг, област населена со Данци (северногерманско население) и Германци (западногерманско население), било дел од данската монархија, но останало војводство одвоено од Кралството Данска. Поттикнати од пангерманското расположение, Германците од Шлезвиг се кренале на оружје во знак на протест против новата политика објавена од данската Национал-либерална влада која сакала целосно да го интегрира војводството во Данска.
Германското население во Шлезвиг и Холштајн се побунило, инспирирано од протестантското свештенство. Германските држави испратиле војска, но по данските победи од 1849 година бил склучен Берлинскиот конгрес (1850) и Лондонскиот протокол (1852). Со нив се потврдува суверенитетот Данскиот крал врз териториите, а истовремено се забранувало да стапат во заедница со Данска. По прекршувањето на втората одредба избувнале нови судири во 1863 година и Прусија победила во 1864 година.
Од март 1848 до јули 1849 година, Хабсбуршкото Австриско Царство било загрозено од револуционерни движења, кои честопати имале националистички карактер. Во склоп на царството живееле многу народи: Австријци, Унгарци, Словенци, Полјаци, Чеси, Хрвати, Словаци, Украинци/ Рутенци, Романци, Срби и Италијанци, и сите во текот на револуцијата се обиделе да обезбедат автономија, независност или дури и хегемонија врз другите националности.
Унгарската револуција од 1848 година траела најдолго во Европа, и била задушена во август 1849 година од страна австриските и руските трупи.[15] Револуцијата започнала на 15 март 1848 година, кога унгарските патриоти организирале масовни демонстрации во Пешта и Буда (денес Будимпешта) кои го принудиле царскиот гувернер да ги прифати нивните барања во 12 точки. Тоа утро, барањата биле прочитани на глас заедно со поезијата на Шандор Петофи со стиховите „Се колнеме во Богот на Унгарците. Се колнеме, нема повеќе да робовуваме“ [16] Лајош Кошут и некои други либерални благородници кои ја сочинуваа Диетата упатиле барање до Хабсбуршкиот суд со барања за претставничка влада и граѓански слободи.[17] Поради овие настани Клеменс фон Метерних, австрискиот принц и министер за надворешни работи, поднел оставка. Барањата на Диетата биле одобрени од страна на императорот Фердинанд на 18 март. Иако Унгарија ќе остане дел од монархијата преку личен сојуз со царот, ќе биде основана и уставна влада. Диетата потоа ги усвоила априлските закони со кои се предвидувало еднаквост пред законот, ново законодавно тело, наследна уставна монархија и се ставило крај на преносот и ограничувањата при користењето земјиште.[17]
Револуцијата прераснала во војна за независност од Хабсбуршката монархија кога Јосип Јелачиќ, Бан на Хрватска, ја преминал границата за да ја стави под своја контрола.[18] Новата влада, предводена од Лајош Кошут, првично била успешна против хабсбуршките сили. Иако Унгарија била обединета по прашањето за својата слобода, некои малцинства во Кралството Унгарија, меѓу кои Србите од Војводина, Романците од Трансилванија и некои Словаци од Горна Унгарија го поддржале Хабсбуршкиот император и се бореле против Унгарската револуционерна армија. На крајот, по година и пол борби, револуцијата била задушена откако рускиот цар Николај I влегол во Унгарија со преку 300.000 војници.[19] По поразот, лидерите на бунтовниците побегнале во егзил или беа погубени. На долг рок, со пасивниот отпор по револуцијата, по тешкиот пораз на Австрија во Австро-пруската војна од 1866 година, довеле до Австроунгарскиот компромис (1867), кој го означил создавањето на Австроунгарското Царство.
Центарот на украинското национално движење било во источна Галиција, која денес е поделена меѓу Украина и Полска. На 19 април 1848 година, група претставници предводени од грчкото католичко свештенство упатиле петиција до австрискиот император. Се барало во регионите на Галиција каде што рутинското (украинското) население е мнозинство, да се изучува украинскиот јазик во училиштата и да се користи при објавувањето на официјални декрети за селанството; Се очекувало локалните власти да го разберат тоа и рутинското свештенство требало со своите права да се изедначи со свештенството од другите конфесии.[20]
На 2 мај 1848 година бил основан Врховниот рутински (украински) собор. Соборот (1848–1851) бил предводен од гркокатоличкиот епископ Григориј Јахимович и се состоел од 30 постојани членови. Главната цел му била административна поделба на Галиција на западни (полски) и источни (рутински/украински) делови во границите на Хабсбуршката Империја и формирање на посебен регион со политичка самоуправа.[21]
Од 18 до 19 март, во шведскиот главен град Стокхолм се случиле серија немири познати како мартовски немири ( Marsoroligheterna ). Низ градот биле растурени декларации со барања за политички реформи, а војската ја растерала толпата, убивајќи 18 луѓе.
Во Швајцарија, која веќе била сојуз на републики, исто така имало внатрешна борба. Обидот за отцепување на седум католички кантони за да се формира сојуз познат како Сондербунд („посебен сојуз“) во 1845 година довело до краток граѓански конфликт во ноември 1847 година во кој биле убиени околу 100 луѓе. Сондербунд бил поразен од протестантските кантони.[22] Новиот устав од 1848 година ставил крај на речиси целосната независност на кантоните, а Швајцарија станала сојузна држава.
Полскиот народ се кренал на бунт против Прусите во Големото Војводство Познањ (или регионот на Голема Полска), кој што Прусија го анектирала во 1815 година. Полјаците се обиделе да создадат независна полска држава, но одбиле да соработуваат со Германците и Евреите. Германците увиделе дека им е подобро со статус кво ситуација, па ѝ помогнале на пруската влада да ја врати контролата над кнежевството. На долг рок, востанието го поттикнал национализмот кај Полјаците и Германците и им донел граѓанска еднаквост на Евреите.[23]
Во јуни во кнежевството Влашка започнало востание на романските либерали и националисти. Нивни цели биле административна автономија, укинување на крепосништвото и народно самоопределување. Востанието било тесно поврзано со неуспешниот бунт во Молдавија од 1848 година, чии цели беа соборување на администрацијата наметната од руските царски власти споредОрганските прописи и, преку своите водачи, побарала укинување на привилегијата на болјарите. Предводено од група млади интелектуалци и офицери на влашката војска, востанието успеа да го собори принцот Георге Бибеску, кој бил заменет со привремена влада и регент, и се низа големи либерални реформи.
И покрај брзиот успех и поддршката на населението, постоеле значителни разлики меѓу радикалните и поконзервативните крила, особено по прашањето за аграрни реформи. Двата последователни неуспешни удари ја ослабеле новата влада, а нејзиниот меѓународен статус постојано бил оспоруван од Русија. И покрај тоа што револуцијата успеа да предизвика симпатии кај Отоманската Империја, таа на крајот била изолирана благодарение на интервенцијата на руските дипломати. Во септември 1848 година, во договор со Османлиите, Русија извршила инвазија и ја задушила револуцијата. Според Василе Мациу, неуспесите во Влашка се припишуваат на странската интервенција, во Молдавија на противењето на феудалистите, а во Трансилванија на неуспехот на кампањите на генералот Јозеф Бем, а подоцна и на австриската репресија.[24] Во подоцнежните децении, бунтовниците ги постигнале своите цели.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.