Бавнопулсирачка ѕвезда од типот B
From Wikipedia, the free encyclopedia
Бавнопулсирачка ѕвезда од типот B (крат. SPB, од анг. slowly pulsating B-type star; порано наречена променлива ѕвезда од типот на 53 Персеј) — вид пулсирачка променлива ѕвезда. Ваквите ѕвезди можат да се наречат и долгопериодични пулсирачки ѕвезди од типот B (LPB).[1] Ова се ѕвезди во главната низа од спектрален тип B2 до B9 (3 до 9 пати помасивни од Сонцето) кои пулсираат со периоди помеѓу половина ден и пет дена,[2] но највеќето имаат повеќекратни периоди на пулсирање.[3] Покажуваат променливост како во светлината, така и во профилот на спектралната линија. Величинските промени обично се помали од 0,1 величина,[2] поради што променливоста тешко се забележува со око. Таа се зголемува со намалувањето на брановата должина,[3] што значи дека промените се повоочливи во улравиолетовиот спектар отколку од видливата светлина. Пулсирањата се нерадијални, поради што пулсирањата се промена на обликот.[4]
Овие ѕвезди за првпат се препознаени како одделна група во 1985 г. додека астрономите Кристофел Валкенс и Фреди Руфенер ја анализирале променливоста на врели сини ѕвезди. Со подобрувањата во фотометрија, помалите величински промени станале полесно забележливи, со што тие заклучиле дека голем дел од врелите ѕвезди се по природа променливи. Ги нарекле ѕвезди од типот на 53 Персеј, според нивниот прототип — 53 Персеј (53 Per).[5] До 1993 г. откриени се десет такви ѕвезди, иако сега Валкенс не бил сигурен дали прототипот навистина е член на групата, па затоа препорачал да се наречат бавнопулсирачки B-ѕвезди (SPB).[3] Општиот каталог на променливи ѕвезди го користи акронимот LPB за „споредбено долгопериодични пулсирачки B-ѕвезди (периоди поголеми од еден ден)“,[6] иако оваа терминологија ретко се среќава на друго место.[7]
Сличните променливи од типот на Бета Кефеј (бета-кефеиди) имаат пократки периоди и пулсираат на p-начин, додека пак SPB-ѕвездите пулсираат на g-начин.[8] Во 2007 г. била позната 51 SPB-ѕвезда, а други 65 се укажани како можни. Кај шест ѕвезди — Јота Херкул, 53 Риби, Ни Еридан, Гама Пегаз, HD 13745 (V354 Персеј) и 53 Овен — е забележана истовремено бетакефеидска и SPB-променливост.[9]