Сојузни покраини во Австрија
првостепена административна единица на Австрија / From Wikipedia, the free encyclopedia
Австрија е федерална држава сочинета од девет сојузни покраини (германски: Bundesländer).
Секоја покраина има собрание (Landtag), покраинска влада (Landesregierung) и управник (Landeshauptmann). Изборите се одржуваат на секои пет години (шест во Горна Австрија). Управникот се гласа во собранието. Виена е посебен случај, каде градскиот совет и градоначалникот воедно имаат улога на покраинска управа.
Покраините имаат мошне ограничени права во носењето на закони, што не било случај секогаш. Во прво време уживале многу поголема автономија, но со време државата претрпила постепена централизација. Денес во покраинска надлежност се зонското планирање, заштитата на природата, ловот, риболовот, земјоделските работи, заштита на младите, извесни аспекти од здравството и социјалата и поситни давачки.
Функцијата на управникот има поголема политичка тежина бидејќи е надлежен за спроведување на политиката и одлуките на централната власт, покрај зонското планирање и јавните набавки.