Хипофиза
From Wikipedia, the free encyclopedia
Хипофиза (питуитарна жлезда или подмозочна жлезда) — релативно мала жлезда со маса од околу 0,5 g. Сместена е во вдлабнатинката наречена турско седло (Sella turcica) во основата на черепот. Преку хипофизарната дршка - инфундибулум таа е поврзана со хипоталамусот, во кој се сместени повисоките (виши) центри на вегетативниот нервен систем. Токму од хипоталамусот хипофизата ги добива потребните ,,инструкции" за нејзината активност, и тоа преку ослободувачките (releasing) хормони. Хипофизата е обвиена со капсула од сврзно ткиво.
Хипофизата се состои од три различни делови, како по функција, така и по градба:
- Преден резен (pars anterior)
- Среден резен (pars intermedia)
- Заден резен (pars posterior)
Предниот дел од хипофизата се означува и како аденохипофиза, додека задниот како неврохипофиза. Средниот дел од хипофизата (парс интермедиа) понекогаш се смета за дел од аденохипофизата. Тој кај луѓето е многу мал. Меѓутоа, кај некои животни тој е многу поголем и има многу поголема функција.