Филмска награда на академијата на САД
From Wikipedia, the free encyclopedia
Наградите на академијата широко познати како Оскари (англиски: The Academy Awards или Oscars), се годишно доделувани филмски награди од Академијата за филмски уметности и науки (АМПАС)[1] како признание за одличноста на професионалците од филмската индустрија, вклучувајќи глумци, режисери и сценаристи. Свечената церемонија на која се доделуваат наградите е една од најважните филмски церемонии во светот и истата се емитува во живо во повеќе од 200 држави. Важи и за најстара медиумска церемонија; нејзините еквиваленти, наградите Греми (за музика), Еми (за телевизија) и Тони (за театар) се изработени по образец на Академијата.
Филмска награда на академијата на САД | |
---|---|
Држава | Соединети Американски Држави |
Мрежно место | https://www.oscars.org/oscars |
Академијата за филмски уметности и науки е основана од Луис Б. Мајер, шефот на филмското студио Metro-Goldwyn-Mayer, но всушност, глумецот Даглас Фербенкс е заслужен за отпочнување на наградната церемонија. Наградите се доделуваат во повеќе категории, но постепено, одредени категории се отстранети, а постојат и специјални награди кои се доделуваат периодично. Самата статуетка наречена е Оскар, а позната е и како Награда на акадамијата за заслужност, иако потеклото на името сè уште не е утврдено.
Првото доделување е одржано на 16 мај 1929 година, во Хотел Рузвелт во Холивуд за оддавање чест на извонредните филмски достигнувања од 1927 и 1928. Глумецот Даглас Фербенкс и режисерот Вилијам С. де Мил биле водители на церемонијата.