From Wikipedia, the free encyclopedia
Оксидите — бинарни соединенија на кислородот со некој друг хемиски елемент, во кои кислородот има оксидационен број -2. Ова е дотолку важно бидејќи постојат и соединенија кои се изградени од кислород и некој друг елемент, а не се оксиди, како на пример пероксидите и супероксидите.
Називите на оксидите се образуваат со наведување на името на елементот што е сврзан за кислородот, а веднаш до него, слеано, во мала заграда и со римски броеви се пишува оксидациониот број на елементот што го гради оксидот и на крајот одделно се пишува зборот оксид.
За елементите кои имаат променлив оксидационен број, односно имаат повеќе оксидациони броеви, истиот се пишува:
CoO - кобалт(II)оксид
CrO3 - хром(VI)оксид
Fe2O3 - железо(III)оксид итн.
За елементите, пак, што немаат променлив оксидационен број, односно имаат само еден, истиот не се пишува. Во ваков случај, тој елемент гради само еден единствен оксид:
Li2O - литиум оксид
La2O3 - лантан оксид
CdO - кадмиум оксид
Се применува и уште една номенклатура на оксидите која се користи најчесто за оксидите на неметалите. Според неа, пред името на елементот и пред зборот оксид се ставаат претставки што го означуваат бројот на атоми од елементот што го гради оксидот и бројот на кислородни атоми. Така, ако во оксидот има само еден атом од неметалот, претставката - моно не се пишува, но тоа не важи за кислородот:
SiO2 - силициум диоксид
Cl2O7 - дихлор хептаоксид
NO - азот моноксид
P2O5 дифосфор пента оксид
Оксидите на неметалите, честопати, во реакција со вода даваат киселини, а оние на металите бази. Секако, предуслов за ова е оксидот да е растворлив во вода. Според горенаведеното, може да се зборува за киселински или за базни оксиди. Некои реакции на растворување на оксиди во вода при кои се образуваат киселини или бази се:
SO3 + H2O ----> H2SO4
P4O10 + 6H2O ----> 4H3PO4
Na2O + H2O ----> 2NaOH
CaO + H2O ----> Ca(OH)2
Но, оксидите што имаат киселински или базен карактер може да стапуваат и во реакции при кои се добиваат соли:
MgO + 2HNO3 ----> Mg(NO3)2 + H2O
Ca(OH)2 + CO2 ----> CaCO3 + H2O
CaO + SiO2 ----> CaSiO3
Меѓутоа, постојат оксиди што може да реагираат како со киселини, така и со бази. На пример, таков е цинк оксидот (ZnO), кој речиси не се раствора во вода, но поради тоа што ќе стапи во соодветна реакција, може да се раствора и во раствори на киселини и на бази. Во двата случаи се добива сол. Оксидите што вака се однесуваат се нарекуваат амфотерни оксиди. Понатаму, има оксиди кои не реагираат ниту со киселини, ниту со бази. Ваквите оксиди се индиферентни.
Оксидите на сулфур и на азот се употребуваат при производството на сулфурна и азотна киселина, додека во подрачја каде што индустриските постројки во атмосферата испуштаат сулфурни и азотни оксиди, доаѓа до појава на т.н. кисели дождови кои имаат штетно дејство врз живиот свет и разни објекти.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.