Небанкарски финансиски институции
From Wikipedia, the free encyclopedia
Небанкарска финансиска институција (англиски: non-bank financial institution) е финансиска институција која не е овластена да извршува банкарски работи, како прибирање депозити од јавноста, не поседува банкарска лиценца, но е надгледувана од регулаторните тела и за неа важат банкарските регулативи. Небанкарските финансиски институции нудат најразлични видови услуги, како кредитирање, осигурување, пензиски планови, инвестирање на пазарот на хартии од вредност итн.
Покрај стандардните депозитни институции, постои голем број на недепозитни институции во финансискиот сектор. Овие ентитети се меѓусебно многу различни. Некои се добро познати делови од секојдневниот живот, какви што се осигурителните компани или пензиските фондови. Други, какви што се инвестиционите фондови, дури и во развиените земји се евидентни само за мали групи луѓе, додека во Македонија постојат од неодамна (2007 година).
Недепозитните финансиски институции, иако меѓусебно сосема различни, имаат еден важен заеднички атрибут. Тие спаѓаат во делот на финансискиот пазар, кој во развиениот свет расте со релативно најголема брзина. Всушност, појавата на овие институции во последните неколку децении може да биде набљудувана како причина за промените што се случија во однесувањето на депозитните институции и кои резултираа во опаѓањето на нивниот дел на пазарот.