Карл Маркс
From Wikipedia, the free encyclopedia
Карл Маркс (германски: Karl Marx; Трир, 5 мај 1818 - Лондон, 14 март 1883) — германски филозоф, политички економист, историчар, социолог, политички теоретичар, новинар и комунистички револуционер. Еден е од најистакнатите претставници на Меѓународното здружение на работниците (попознато како Прва интернационала) и е втемелувач на марксизмот. За најважно негово дело се смета обемната четири-томна расправа „Капиталот“.
Карл Маркс | |
---|---|
Marx in 1875 | |
Роден(а) | Карл Хајнрих Маркс 5 мај 1818(1818-05-05) Трир, Кралство Прусија |
Починал(а) | 14 март 1883(1883-03-14) (возр. 64) Лондон, Велика Британија |
Причина за смрт | Бронхитис и плевритис |
Националност | Прус, Германец |
Вероисповед | Атеист |
Школа | Марксизам, Комунизам, Социјализам, Материјализам |
Претежна дејност | политика, економија, филозофија, социологија, историја, класна борба, |
Значајни идеи | прото-ефективна теорија на побарувачка, теорија на ендогенични пари, поим за монетарна производна економија, конфликтна теорија на распределбата на доходот, разменска вредност, разлика меѓу труд и работна сила, вишок вредност, опаѓачка стапка на профит, побивање на Законот на Сеј, апсолутна земјишна рента, дополнителни начини на производство, класната борба води кон диктатура на пролетаријатот |
Потпис | |
Роден во Трир, Германија во граѓанско семејство, кое во периодот на неговото раѓање од јудаизам преминува во христијанство. Неговиот татко бил адвокат, човек восхитен од идеалите на Француската револуција, со длабоки либерални чувства, во чиј дух го воспитувал и својот син. Маркс студирал право и филозофија на универзитетите во Бон, Берлин и Јена. Тој се оженил со Џени фон Вестфален во 1843 година. Поради своите политички публикации, Маркс останал без државјанство и со децении живеел во егзил со својата сопруга и децата во Лондон, каде продолжил да ја развива својата мисла во соработка со германскиот мислител Фридрих Енгелс и да ги објавува своите списи, истражувајќи во читалната на Британскиот музеј. Негови најпознати дела се памфлетот од 1848 година, Комунистичкиот манифест и четири-томниот Das Каpitаl. Неговата политичка и филозофска мисла има огромно влијание врз интелектуалната, економската и политичката историја на 20 век. Во 1999 година, Маркс е прогласен за мислител на милениумот, во 2005 година за светски најголем филозоф и во 2013 година за светски најдобар научник.
Критичките теории на Маркс за општеството, економијата и политиката - колективно сфатени како марксизам - тврдат дека човечките општества се развиваат преку класна борба. Во капитализмот, ова се манифестира во конфликт помеѓу владејачките класи (познати како буржоазија) кои ги контролираат средствата за производство и работничките класи (познати како пролетаријат) што ги создаваат овие средства со продажба на нивната работна сила за возврат за плати. Применувајќи критички пристап познат како историски материјализам, Маркс предвиде дека, како и претходните социо-економски системи, капитализмот произведува внатрешни тензии што ќе доведат до физичко и вредносно уништување на неговиот капитал (конфликт меѓу раширувањето на производството и оплодувањето на вредноста)[1] и негова замена со нов систем познат како комунизам преку победоносна класна борба извојувана од работничката класа. Но, истовремено Маркс предупреди на причини со спротивно дејство „зошто ова паѓање не е поголемо или побрзо ... влијанија со спротивни дејства, кои го попречуваат и укинуваат дејството на општиот закон и нему му даваат карактер само на тенденција, поради што паѓањето на општата профитна норма ние го означивме како тенденциско паѓање.“[2]
За Маркс, класните антагонизми под капитализмот, делумно поради неговата нестабилност и природа склона кон економски кризи, би резултирале со развој на класната свест на работничката класа, водејќи до нејзино освојување на политичката власт и на крајот воспоставување на бескласно, комунистичко општество составено од слободно здружени производители. Маркс активно се залагал за негово спроведување, тврдејќи дека работничката класа треба да спроведе организирана револуционерна акција за соборување на капитализмот и да донесе социјално-економска еманципација.
Маркс е опишан како една од највлијателните личности во историјата на човекот, а неговото дело е и пофалено и критикувано. Неговата работа во економијата постави основа за поголем дел од тековното разбирање на трудот и неговиот однос со капиталот и последователната економска мисла. Многу интелектуалци, работнички синдикати, уметници и политички партии ширум светот се под влијание на работата на Маркс, при што многумина ги модифицираа или адаптираа неговите идеи. Обично Маркс е наведен како еден од главните архитекти на модерната општествена наука.