From Wikipedia, the free encyclopedia
Змија, Orhidia, Serpentes, е дуалистичко битие во јужнословенските преданија и верувања. Таа ја држи земјата со своето тело, таа ја пие космогоната вода што се заканува да ја уништи земјата, таа е митолошко битие, заштитник, стопанка, но таа се појавува и како творба на ѓаволот кој ја создал како антипод на јагулата која е творба на Бога, таа е студена, лута, отровна, опасна, зла, подмолна.
Постојат повеќе преданија за постанокот на змијата: Св. Димитриј убил аждер од чие тело се излегле змиите, според друго змијата живеела во рајот, била добра и имала нозе сè додека не ги измамила Ева и Адам по што ѝ биле одземени нозете од Бога, а таа станала зла, според трето предание змиите на почетокот имале нозе, а со нив управувал Св. Тодор, бидејќи биле многу силни и покретливи, исправени тие биле закана за луѓето кои побарале помош од светецот, од тогаш тој им ги одзел нозете. Се верувало дека сите змии имаат нозе, најчесто девет, но луѓето не смееле да ги видат, бидејќи веднаш биле проколнати и умирале.
На змиите им се припишувани фантастични одлики, сенишната (демонска) змија е невидлива, можат да ја видат само некои животни, доколку би ја видел човекот, тој веднаш умирал од страв. Змиите се претвораат во змејови по четириесет години од својот живот, некои според преданијата се опишани со три, пет, седум, девет глави. Се верувало дека некои змии имаат способност да убиваат само со здив, некои имале хипнотички поглед со кој ја парализираат жртвата. Кај народот се сретнувале и преданија за џиновски змии, со глави големи како котел, како глава на вол и сл. Тие се олицетворение на сезнајноста, змиските цареви ги знаат сите тајни, сите животински јазици, ги распознаваат сите предзнаци на несреќи, во исклучителни случаи своите знаења можеле да ги предадат со пропратен ритуал на човекот. Тие се исклучителни познавачи на лековитите растенија и минералите, само змијата ја знае билката со која може да се оживее мртовецот, но тие ги користат само за себе. Живееле до триста години, змиските цареви и до илјада, змијата која не се појавувала долго време меѓу луѓето (девет, четириесет, сто години) може да се претвори во змеј.
Змијата според народните верувања можела да претскаже смрт, лошо време, неродна година, до Благовец тие останувале (зимувале) во почвата, нивниот надземен период е до Крстовден. За секоја змија која по овој ден останувала надвор од почвата се верувало дека била ‘нечиста’ (каснала човек). Змиите според народното верување можеле да се убијат само со едно удирање, секое следно би ја оживеало, или можеле да се усмртат само со оган, некаде се верувало дека таа едноставно не може да биде убиена. Од неа се правела силна амајлија против демонските сили на следниот начин: во главата на змијата убиена на Благовец се ставал чесен лук, се садел во почвата, а првите надземни ливчиња се сушеле и се пришивале во облеката. За мошне силни амајлии се сметале и срцето и забите на змијата. Постоеле и правила според кои убиената змија не смее да се крева над колена за да не се прекрати животот, бремената жена не смее да види змија за да не му наштети на плодот. Убивањето на змијата се сметало за добро дело, се верувало дека и Господ се радува на нејзината смрт, но постоело и верување дека доколку змијата премине преку некој дел од телото без да го касне, таа не смее да се убие, бидејќи им припаѓа на добрите змии и при насилна смрт би го проколнала убиецот или нему најмилото дете. Како хтонично животно змијата се плашела од сонцето и од него заслепувала, во народот се верувало дека од неа треба да се бега кон сонцето.
Некои змии потекнувале директно од долниот, подземниот демонски свет и се сметало дека тие се најопасни за луѓето, од нив луѓето требало да се вардат и во сон. Како заштитно средство од нив се практикувал лукот, чад од запалени партали, чад од тутун и темјан. Во пеколот змиите ги измачуваат и прогонуваат грешниците. Како одбрана од змиите јужнословенските народи го палеле шутот на Младенци, Благовец и Ѓурѓовден.
Бидејќи е постојано во граничното подрачје помеѓу земјата и отворениот (надземен свет), таа како хтонично животно претставувала врска меѓу живиот и мртвиот свет, нејзината постојана грижа за домот, домашните и имотот е во врска со предокот кој се грижи за својот род. Местото каде таквата змија живее е најчесто сместено под прагот, темелот на куќата, особено ако е изѕидан од камен, огништето. Тие места во обредните сегменти на духовниот живот на нашите предци се евидентирани како места на кои им се принесувале жртви на предците.
И нашите народи верувале во постоење на водените змии Tropidonotus natrix кои поседувале фантастични одлики: изглед, големина, сила, тие се наоѓале во езерата, морињата, ретко во реките. Таквите змии фантазмогорично биле осликувани како шестокрили, со позлатени крилја, со скапоцен камен под крилјата и др. Некаде тие се поистоветувале со алите, а некаде се опишувале како огромни змии. Аловитите змии (алетини) се сметале за многу опасни и секоја средба со нив била смртна. Се верувало дека некои змии (и аловитата) имаат кожа која е непробојна дури за куршум.
Кај народот постоело верување дека во секоја куќа постои стопан (стопанка), демонско битие кое се грижи за домот и сè што живее во него. Кај Марко Цепенков сретнуваме следно верување: ‘Во секоја куќа стопан си има, каде дервиш, каде змија, каде власица, каде Арап, каде пари и друзи работи.’ Како стопан најчесто се сретнувале змиите, неретко смок (неотровна змија Цолубер), за нив се метало дека ги истребуваат штеточините, дека ја вардат куќата од злите демони, дури и припадничките од сопствениот род кои се отровни и сакаат да му наштетат некому од домот. Таквите змии не се бркале и убивале, се верувало дека биле од Господ поставени како чувари на куќата и во секоја куќа која немала сопствена змија чувар немало напредок и среќа. Уште пострашна коб се нафрла во домот во кој некој од домашните ја убие змијата. Тоа верување пак, се доведува во врската дека змијата стопан според народните верувања била душа на предците. Според некои верувања во Бугарија ‘стопанот’ ја симболизира митската поврзаност помеѓу човекот и змијата, таа е реинкарнација на прародителот, но во исто време и двојник, покровител на домаќинот на домот. Змите според преданијата претставувале и еден од најсигурните чувари на закопаното богатство.
Змијата ‘стопанот’ можела да биде заштитник на полињата (нивите) и лозјата, се верувало дека таквите места се заштитени од невремето и демонските сили. Ова укажува на можно верување дека змијата може да претставува и житно божество, особено ако се знае дека на обредниот леб за Божиќ во многу краишта со тестото се става и змија, а во некои краишта се меселе и лепчињата кои се нарекувале змија (змијарка, змијарче).
Змијата слепок Anguis fragilis е мала, безопасна, слична на јагула, според верувањето убивала девет змии, а од десеттата страдала самата. Младите барале таква убиена змија, ѝ ја раскинувале челуста на две и по еден дел поставувале на различните страни на патот, се верувало дека младичот (девојката) кој ќе помине меѓу нив веднаш станува заслепен од љубов кон оној кој ги поставил.
Змијар е човек што ги фаќал и најопасните змии со голи раце. Се верувало дека се тоа видовити луѓе кои со своите способности владееле со змиите толку сигурно што можеле да ги носат под облеката. Нивната врска со змиите се сметала за некаков таен сојуз, бидејќи тие никогаш не сакале да убијат змија (до екстремности, со жртвување на сопствениот живот), ниту пак таа им наштетува нив.
Тие ги знаеле престојувалишта на змиите, го разбирале нивниот јазик, со специфичното свиркање можеле да повикаат илјадници змии, да се заштитат себеси или некој друг, змијарите исцртувале магичен круг во кој змиите никогаш не навлегувале.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.