Крводарителство
From Wikipedia, the free encyclopedia
Крводарителство — чин на некое лице кога доброволно дарува крв, којашто се користи за трансфузија или за производство на лекови преку процесот наречен фракционација.
Во развиениот свет најголем дел од крводарителите се неплатени доброволци коишто даруваат крв за потребите на заедницата. Во посиромашните земји, залихите се ограничени и крводарителите обично даваат крв тогаш кога му е потребна трансфузија на некој член од семејството или на пријател. Многу дарители даруваат крв од милосрдие, но има и такви кои се платени, а во некои случаи има и други начини на поттикнување, освен парите, како на пример платени слободни денови од работа за крводарителите. Еден крводарител може да дарува крв и за свои сопствени потреби во иднина. Дарувањето крв е релативно безбедно, но кај некои крводарители може да се појави модринка на местото каде што била ставена иглата, или да почувствуваат губење на свеста.
Кaј потенцијалните крводарители се прават проценки за сè што може да ја направи крвта небезбедна за употреба. Испитувањето вклучува тестови за болести што се пренесуваат преку трансфузија на крв, вклучувајќи ХИВ и вирусен хепатит. Исто така, се испитува и медицинската историја на крводарителот, а се прави и краток физички тест за да се утврди дека дарувањето крв не е опасно по неговото здравје. Колку често крводарителот може да дава крв има разлика во денови и месеци, врз основа на тоа кој компонент од крвта се дарува, како и на законите во земјата каде што се случува дарувањето крв. На пример, во Соединетите Американски Држави, крводарителот мора да чека 8 седмици (56 дена) за повторно дарување на целокупна крв, а само 3 дена за дарување тромбоцити.
Количеството крв коешто може да се дарува, како и методите на дарување, се разликуваат. Земањето крв може да се изведува рачно или со автоматизирана опрема, со којашто се земаат само посебни делови од крвта. Многу од компонентите на крвта којашто се употребува за трансфузија имаат краток рок на употреба, и одржувањето на постојани залихи е постојан проблем.