Алфа-завојница
From Wikipedia, the free encyclopedia
Алфа-завојница (α-хеликс) — чест мотив на вторичната структура на белковините. Тој претставува спирална, десногира конформација, кај која секоја алфа-амино (N-H) група од полипептидниот ‘рбет создава водородна врска со алфа-карбонилната (C=O) група која е четири аминокиселински остатоци подолу од неа (i + 4 → i водородна врска).
Полипептидниот синџир може да образува различни видови на завојни структури кои се разликуваат по бројот на завртувања на синџирот и по растојанието помеѓу извиените сегменти на полипептидот во завојница. Алфа-завојницата е, исто така, познат како класичен Полинг-Кори-Бренсон α-завојница. Понекогаш се користи и називот 3.613 – завојница, што го означува бројот на остатоци на едно завртување (извивање), каде бројот 13 го означува бројот на атоми кои го градат прстенот затворен со водородната врска.
Алфа-завојницата се образува спонтано, бидејќи е енергетски најсиромашна, а со тоа и најстабилна, конформација на полипептидната верига. Завојници можат да образуваат и L- и D-аминокиселините, но никогаш двата изомера заедно во иста молекула. Завојниците можат да бидат десногири или левогири, во зависност од тоа на која страна се завртува полипептидниот ланец; десногирната завојница е одредена со правецот во кој се вртат прстите на десната рака кога палецот се поставува на оската на завојницата во правецот во кој таа се гради. L-аминокиселините се доста почести во природата од D-аминокиселините и тие можат да образуваат и левогири и десногири завојници, но мнозинството на познати завојници во биолошкиот свет се десногири.