Јонска врска
From Wikipedia, the free encyclopedia
Во хемијата, јонската врска е карактеристична за соединенија образувани од елементи со голема разлика во електронегативноста (според полинговата скала - поголема од 1,9), односно меѓу типичен метал и типичен неметал.
Металите имаат мали енергии на јонизации што значи дека лесно можат да испуштаат електрони. Неметалите, пак, имаат голем афинитет кон електронот. Големата вредност на афинитетот кон електронот покажува дека неметалите лесно примаат електрони. Затоа, кога доаѓа до хемиска реакција меѓу метал и неметал, металот оддава електрони, при што преминува во позитивно наелектризиран јон - катјон, а атомот на неметалот ги прима испуштените електрони при што преминува во негативно наелектризиран јон - анјон. Бројот на оддадените, односно примените електрони зависи од бројот на валентни електрони. Притоа, образуваниот катјон добива електронска конфигурација на инертниот гас што се наоѓа пред него во периодниот систем, а анјонот на инертниот гас што се наоѓа после него.
Добиените јони (катјони и анјони) имаат спротивни полнежи, па затоа меѓу нив дејствуваат силни електростатички или Кулонови привлечни сили. Овие сили овозможуваат различните јони да се поврзат меѓу себе и да го образуваат јонското соединение (соединение во кое атомите се поврзани со јонска врска).