From Wikipedia, the free encyclopedia
Мандаринскиот јазик (кин. 官话, пинјин: Guānhuà, мктр. гуанхуа = „функционерски говор“)[2] претставува целина од наречја што се говорат ширум северна и југозападна Кина. Бидејќи највеќето дијалекти се сместени на северот од земјата, групата се нарекува и „северен говор“ (北方话, Běifānghuà). Сепак, североисточното и југозападното наречје се толку различни, што луѓето можат да се разберат само ако општат на стандардниот јазик, претежно поради разлики во тоновите и лексиката. Меѓутоа, и покрај ова, разликите во рамките на мандаринските наречја се значително помали од оние помеѓу разните јазици во Кина. Се смета дека ова се должи тоа што мандаринскиот почнал да се шири релативно неодамна, но и поради полесното општење помеѓу луѓето во споредба со југот на земјата, кој е планински.
Мандарински | |
---|---|
官話/官话 Guānhuà | |
Гуанхуа („мандарински“) напишано со кинески знаци | |
Застапен во | северна и југозападна Кина (поврзано: стандарден мандарински) |
Говорници | 845 милиони (2000)[1] Вкупно: 1.020 милиони |
Јазично семејство | |
Дијалекти | северозападен
пекиншки
џи-лу
џао-љао
долнојангцекјаншки
среднорамничарски
лан-јин
југозападен
џински (спорен)
|
Јазични кодови | |
ISO 639-3 | cmn |
Linguasphere | 79-AAA-b |
Оваа статија содржи кинески текст. Без правилна поддршка, може да гледате прашалници, квадрати или други симболи наместо кинески знаци . |
Мандаринските наречја, особено пекиншкото, се основа за стандардниот кинески јазик, кој исто така се нарекува „мандарински“, „путунгхуа“ (普通话, Pǔtōnghuà = „општ говор“) или „гуоји“ (國語, Guóyǔ = „национален јазик“). Стандардниот кинески е службен јазик на НР Кина и Тајван, еден од четирите службени јазици на Сингапур и еден од шесте јазици на ООН.[3] Земајќи ја мандаринската група во целост, јазикот има највеќе матични говорници во светот (речиси милијарда). Овие говори уживаат таков статус поради тоа што низ голем дел од историјата на земјата, главниот град се наоѓал во тоа говорно подрачје. Почнувајќи од првите децении на XX век, ваквиот мандарински претставувал државен и де факто стандард во Кина, но и како говор на значаен дел од кинеската дијаспора во светот.
Зборот „мандарински“ е придавка од португалскиот збор mandarim, преземен од малајскиот поим menteri (кој пак навлегол од хинди mantri, со потекло од санскритскиот збор мантрин = „министер“ или „советник“) и изворно се однесувал на говорот на кинеските чиновници наречени „мандарини“.[4][5] Бидејќи матичните говори на чиновниците ширум царството се разликувале во голема мера до степен на меѓусебно неразбирање, овие функционери општеле на коински јазик што се засновал на разните северни дијалекти.
Денешните кинески наречја и говори настанале со различниот развиток на наречјата на старокинескиот и среднокинескиот јазик. По традиција се вели дека јазикот има седум наречја (или јазици). Покрај мандаринскиот, тоа се ву, хака, минскиот, сјанг, јуе и ган.[6] Во поново време се признаени и други групи.
По падот на Северен Сунг и за време на неавтохтоните династии Џин и Јуен во северна Кина, се развил општоприфатен јазик по углед на говорот околу главниот град, кој денес се нарекува старомандарински. Јазикот добил свои вернакуларни книжевни жанрови, вклучувајќи поезија и драма и раскази како што се чи и санчи.[7]
Сè до почетокот на XX век, книжевните дела се пишувале на книжевен кинески јазик, што важело и за формалната писмена комуникација. Овој јазик се темели на класиците од Периодот на завојуваните држави и династијата Хан. Со време, разните наречја почнале во голема мера да се разидуваат и станале многу поразлични од јазикот во книжевните дела, кој се задржал како посебен јазик.
Како книжевен, овој јазик не попримил никакви влијанија од гласовните промени што се случувале во говорните наречја. Особено се ценела неговата изразна моќ во малку зборови. На пример, поимот 翼 (ји = крило) е сосем недвосмислен во пишаниот јазик, но има над 75 хомофони во говорниот мандарински.
Сè до средината на XX век, највеќето жители на јужна Кина го познавале само локалниот говор. Од практични причини, управувањето на земјата за време на династиите Минг и Ќинг се одвивало на општоприфатен јазик „гуанхуа“, заснован на говорите во поважните места. Секој што сакал да стане службеник, чиновник или функционер морал да го владее овој говор.[3]
Во раните денови на Република Кина, дејците од Новото културно движење како Ху Ше и Чен Дусју успешно се избориле за заменување на книжевниот кинески со вернакуларен пишан јазик, заснован на северните говори. Покрај ова, во следниот период се отворила расправа за утврдување на државен јазик (国语, Guóyǔ), која завршила во 1932 со усвојување на пекиншкото наречје. Со формирањето на НР Кина во 1949, стандардот е задржан, но го добива името „општ говор“ (普通话, pǔtōnghuà).[8]
Денес државниот јазик се користи во образованието, медиумите и формални прилики во НР Кина и Тајван (но не во Хонгконг и Макао). Јазикот го владеат сите помлади лица, со посилен или послаб локален нагласок. Во Хонгконг и Макао, образованието, медиумите, формалниот говор и секојдневниот живот се одвива на кантонски јазик, но стандардниот мандарински во последно време има големо влијание.[9]
Делото Language Atlas of China ги дели останатите дијалекти на осум наречја, според односот кон среднокинескиот настапен тон:[10]
Слоговите се состојат највеќе од почетна согласка, преод, самогласка, завршна согласка и тон. Во јазикот не постојат сите слогови што се можни според овие правила, поради трите правила што не допуштаат соседност на извесни фонеми. Затоа, во практика, постојат само неколку стотини поединечни слогови.
Фонолошки особености што ги делат речиси сите мандарински наречја:
Воопштена табела на почетоците во мандаринските дијалекти. Почетоците што ги нема во стандардниот јазик се ставени во загради.
Двоуснени | Уснено- забни |
Венечни | Свиени | Венечно- преднонеп. |
Задно- непчени |
Гласилни | ||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Избувни | p | pʰ | t | tʰ | k | kʰ | (ʔ) | |||||||
Носни | m | n | (ŋ) | |||||||||||
Струјни | f | (v) | s | (z) | ʂ | ʐ | ɕ | x | ||||||
Слеани | (pf) | (pfʰ) | ts | tsʰ | tʂ | tʂʰ | tɕ | tɕʰ | ||||||
Приближни | l | ∅ |
Знак | Значење | Стандардно (Пекинг) | Џинан (џи-лу) | Сиан (џунгјуен) | Ченгду (југозап.) | Јангџоу (џангхуај) | |
---|---|---|---|---|---|---|---|
Пинјин | МФА | ||||||
課 | четиво | kè | kʰɤ | kʰə | kʰuo | kʰo | kʰo |
客 | потфат | kʰei | kʰei | kʰe | kʰəʔ | ||
果 | овошје | guǒ | kuo | kuə | kuo | ko | ko |
國 | земја | guó | kue | kue | kɔʔ |
Разлики во контурата на тонот:
Назив на тонот | Прв тон | Втор тон | Трет тон | Четврти тон | означено со гласилн. избув. (Ru) | |
пекиншки | Пекинг | ˥ (55) | ˧˥ (35) | ˨˩˦ (214) | ˥˩ (51) | |
североисточен | Харбин | ˦ (44) | ˨˦ (24) | ˨˩˧ (213) | ˥˨ (52) | |
џи-лу | Тјенџин | ˨˩ (21) | ˧˥ (35) | ˩˩˧ (113) | ˥˧ (53) | |
Шеџаџуанг | ˨˧ (23) | ˥˧ (53) | ˥ (55) | ˧˩ (31) | ||
џао-љао | Јантај | ˧˩ (31) | (˥ (55)) | ˨˩˦ (214) | ˥ (55) | |
џунгјуен | Џенгџоу | ˨˦ (24) | ˦˨ (42) | ˥˧ (53) | ˧˩˨ (312) | |
Луојанг | ˧˦ (34) | ˦˨ (42) | ˥˦ (54) | ˧˩ (31) | ||
Сиан | ˨˩ (21) | ˨˦ (24) | ˥˧ (53) | ˦ (44) | ||
Тјеншуј | ˩˧ (13) | ˥˧ (53) | ˨˦ (24) | |||
лан-јин | Ланџоу | ˧˩ (31) | ˥˧ (53) | ˧ (33) | ˨˦ (24) | |
Јинчан | ˦ (44) | ˥˧ (53) | ˩˧ (13) | |||
југозападен | Ченгду | ˦ (44) | ˨˩ (21) | ˥˧ (53) | ˨˩˧ (213) | |
Сјичанг | ˧ (33) | ˥˨ (52) | ˦˥ (45) | ˨˩˧ (213) | ˧˩ʔ (31) | |
Куенминг | ˦ (44) | ˧˩ (31) | ˥˧ (53) | ˨˩˨ (212) | ||
Вухан | ˥ (55) | ˨˩˧ (213) | ˦˨ (42) | ˧˥ (35) | ||
Лиуџоу | ˦ (44) | ˧˩ (31) | ˥˧ (53) | ˨˦ (24) | ||
џангхуај | Јангџоу | ˧˩ (31) | ˧˥ (35) | ˦˨ (42) | ˥ (55) | ˥ʔ (5) |
Нантунг | ˨˩ (21) | ˧˥ (35) | ˥ (55) | ˦˨ (42), ˨˩˧ (213)* | ˦ʔ (4), ˥ʔ (5)* |
* Говорите во и околу подрачјето на Нантунг имаат многу повеќе од 4 тона, поради влијанието на соседните говори на јазикот ву.
Кинеските јазици и говори од сите историски периоди се сметаат за особени примери за аналитички јазици, со тоа што кај нив граматичките информации како лице, број, време, начин или падеж се изразуваат исклучиво преку збороредот и честичките наместо со збороизмената (флексија) или додавки (афикси). Иако денешните варијанти на јазиците користат мал број на наставки, истите сепак се применуваат на мошне аналитички начин.[11]
Основниот збороред е од обликот „подмет-прирок-предмет“ и се јавува често во многу кинески дијалекти, но се забележуваат разлики во редоследот на двата предмета кај двопреодните глаголи. Во северното наречје, индиректниот предмет му претходи на директниот (како во македонскиот), како што може да се види од реченицата на стандарден кинески:
我 给 你 一本 书 。 wǒ gěi nǐ yìběn shū. Јас дава ти една книга.
Во јужиото наречје, многу југозападните говори и оние од наречјето џинг-хуај, предметите се јавуваат по обратен редослед.[12]
Највеќето јазици во земјата користат честички (глаголски наставки) за да означат глаголски вид, но самите честички се разликуваат од јазик до јазик. Мандаринските дијалекти претежно се служат со честичката -le (了) за определен несвршен вид и -zhe (著/着) за неопределен несвршен вид. Другите кинески јазици , e.g. кантонското jo2 咗 and gan2 緊/紧. Искусниот вид -guo (過/过) е застапен пошироко, освен воо јужномминскиот.[13]
Зависната честичка de (的) е карактеристична за мандаринските наречја.[14] Некои јужни дијалекти, (и некои од наречјето џанг-хуај), ја зачувале постарата шема на посвојност без честичка, додека пак кај другите јазици, улогата на мандаринската честичка ја игра класификатор.[15]
Особена појава во разговорниот јазик е тоа што честичките на крајот од реченицата го менуваат суштинското значење на реченицата. Како и голем дел од лексиконот, честичките во многу случаи сосема се разликуваат од подрачје до подрачје. На пример, честичката за очиглегдност или оспорување на север е ma (嘛), но на југот истата е yo (哟).
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.