From Wikipedia, the free encyclopedia
Гладиола (лат. Gladiolus) е род на повеќегодишни растенија со грутчеста луковица од фамилијата на перуники.[1] Латинското (и македонското) име потекнува од латинскиот збор gladius - „меч“, бидејќи листовите на гладиолата по својата форма наликуваат на меч. Гладиолите потекнуваат од тропските и суптропските региони на Африка, Средоземно Море, Средна Европа и Азија, вклучително и западен Сибир. Родот брои околу 250 видови, од кои 163 потекнуваат од јужните делови на Африка (Капско флористичко царство, каде е центарот на диверзитет на овој род), 10 од Евроазија, а 9 потекнуваат од Мадагаскар.
Гладиола | |
---|---|
Gladiolus byzantinus - типски вид на родот Gladiolus | |
Научна класификација | |
Царство: | Plantae |
Нерангирано: | Angiospermae |
Нерангирано: | Monocotyledoneae |
Ред: | Asparagales |
Семејство: | Iridaceae |
Потсемејство: | Ixioideae |
Племе: | Ixieae |
Род: | Gladiolus L. |
Типски вид | |
Gladiolus communis L. | |
Видови | |
види го текстот |
Растенијата се повеќегодишни, со грутчеста луковица. Таа е овална, се обновува секоја година и носи тенки лушпи со бело до црно-вишново обојување.
Стеблото не се разгранува, единечно е, залистено и достигнува 50–150 cm височина. Листовите се тенки, прави или мечовидни, 50–80 cm во должина, со синкасто-зелена боја. Лисната основа го обвива стеблото, со што дополнително му дава цврстина.
Цветовите се собрани во еднострани, двострани или спирални класовидни соцветија до 80 cm долги, кревки, средно густи или густи. Цветовите се приседнати со прост инковиден околуцветник од шест нееднакви делови, сраснати во основата, со различна големина и форма.
Плодот е кутијка. Семиња има многу, тие се кружни или овални, кафеави.
Гладиолите што се одгледуваат во градините се добиени со вкрстување на различни европски и африкански видови, па затоа сите сорти на гладиоли се однесуваат кон хибридниот вид - Gladiolus x hybridus hort. Меѓународната регистрација на сортите на гладиоли се врши од страна на Северноамериканскиот совет на проучувачи на гладиоли. Во 1945 година во Америка била создадена класификација на сортите, која ги опишува истите според бојата и големината на цветот со помош на бројчени кодови. Со зголемувањето на знаењето и појавата на нови сорти, оваа класификација се усовршувала, па денес таа содржи пет класи по големина на цветовите и десет класи по основните бои.
Денес во светски рамки постојат околу 5000 сорти на гладиоли. Старите сорти постепено исчезнуваат (при вегетативното размножување се насобираат дефекти во копирањето на ДНК, а поради тоа животоспособноста на сортата постепено се намалува); се смета дека средниот век на животот на дадена сорта е десетици години. Но постојат и сорти кои се долговечни и успешно опстојуваат дури три десетлетија. Новите сорти се со посложено и необично обојување, посложена текстура и други подобрени својства.
Во умерените зони, грутчестите луковици на повеќето видови и сорти треба да се откопаат во есен и да се чуваат од замрзнување во текот на зимата, и напролет повторно да се засадат. Сортите со големи цветови имаат потреба од влага за време на сезоната на растење и мораат поединечно да се врзат за потпора (столб, прачка или слично) веднаш штом се појават мечовидните цветни главички. Листовите мора да се остават да изумрат по природен пат пред грутчестите луковици да се откопаат и складираат. Нови растенија се добиваат како од малите луковички кои се израстоци на родителската грутчеста луковица, така и од семе. Во секој случај, потребни се неколку години за да се достигне големина погодна за цветање. Групациите од гладиоли треба да се разретчат и пресадат на неколку години, со цел поединечните растенија да бидат силни и крупни.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.