From Wikipedia, the free encyclopedia
Според нордиската митологија, Тор (старонордиски: Þórr) — бог со чекан („мјолнир“) кој се поврзува со громовите, молскавиците, бурите, дрвјата даб, силата, заштита на човештвото, како и просветлување, лечење и плодност.
Најраниот запис за Тор како бог на Германите се наоѓа во делото од првиот век на римскиот историчар Такит „Германија“, каде пишувал за верувањата на германското племе Свеви. Такит напишал дека „меѓу боговите, Меркур е најпочитуван. Тие му поднесуваат жртви и понуди на одредени денови, човечки жртви исто така. Херкул и Марс ги чествуваат со животински понуди.“ Такит споменал дека Свевите ја почитуваат и Изида.[1] Во овој случај, Такит мисли на богот Один кога вели Меркур, Тор е „Херкул“ и Тир е Марс, додека идентификувањето на Исис останува нерешено. Во врска со Тор, идентификувањето со богот Херкул доаѓа поради сличноста меѓу чеканот на Тор и оној на Херкул.[2]
Во деловите на Германија кои биле окупирани од Римското Царство, на парички и други предмети од 2 и 3 век наша ера има латински запис кои се однесуваат на „Херкул“, што можеби се однесува на Тор.[3]
Првиот вистински запис на името на овој бог се наоѓа на парче накит (фибула) од 7 век, најдена во Баварија, на која стои јужно германската форма на името - Þonar, односно Тонар.[4] Во втората половина на 8 век, на староанглиски јазик се споменува фигура наречена Þunor односно Тунор, и за која се смета дека е староанглиска верзија на овој бог.[5][6]
Кодексот од 9 век од Мајнц, Германија, познат како Стар саксонски завет за крштевање, содржи имиња на три старосаксонски богови, Один, Сакснот и Тунор, и по пат на откажување од нив како демони, паганите се покрстувале во христијани.[7]
Во 11 век, хроничарот Адам Бременски запишал во неговото дело Делата на бискупот на Хамбуршката црква дека статуа на Тор, кого го опишал како „најсилен“ се наоѓа во храмот во Упсала кој се наоѓа во Стара Упсала во Шведска. Адам запишал дека се верува оти Тор владее со небото, раководи со громовите и молњите, ветерот и бурите, убавото време и плодноста, како и тоа дека Тор со неговото жезло потсетува на Јупитер. Адам запишал дека народот во Упсала назначил свештеници за секој бог, и дека свештениците требало да поднесуваат жртви. Во случајот на Тор, биле поднесувани жртви кога се заканувале чума или глад.[8] Во истото дело Адам споменал дека англискиот проповедник Вулфред во 1030 година бил линчуван од собраните германски пагани заради „непочитување“ на претставата на Тор.[9]
Два предмети имаат запис со руни со кој се повикува Тор датираат од 11 век, едниот од Англија, а другиот предмет е од Шведска. Англискиот предмет е најден во Кантербери, и го повикува Тор да излечи рана со протерување на ентитетите наречени Јотуни.[10] Вториот предмет ја повикува заштитата на Тор и неговиот чекан.[11]
Во 12 век, во време кога народот во Норвешка бил официјално христијанизиран, Тор бил сè уште повикуван, за што сведочи порака напишана со руни најдена во Берген, Норвешка. Порака ги повикува Тор и Один на помош.[12] Во тоа време, иконографијата на христијанизираниот крал Олаф II (Светиот Олаф) содржи елементи од Тор: Олаф е претставен со црвена брада и држи чекан.[13]
Во Поетска еда, која датира од 13 век пишувана врз основа на традиционални извори кои потекнуваат од паганскиот период, Тор се споменува во девет поеми.[14]
Во поемата Пророштвата на Волва, мртвата Волва ја раскажува историјата на универзумот и ја претскажува иднината на Один, како и смртта на Тор. Според неа, Тор ќе се бори со голема змија за време на големата митска војна, ќе ја исече змијата, но потоа ќе успее да направи само девет чекори пред да подлегне на смртоносниот отров од ѕверот. Потоа небото ќе поцрни, а потоа земјата ќе ја зафати оган, ѕвездите ќе ги снема, пламењата ќе танцуваат, пареа ќе има, земјата ќе биде под вода, а потоа повторно ќе се појави, зелена и плодна.[15]
Тор е главниот лик во поемата Песните на Харбард, каде патувајќи од исток стигнува до место каде среќава сплавар кој се претставува како Харбард. Тор бара да го превезе, но сплаварот одбива. На почеток Тор се воздржува, но сплаварот станува агресивен, и наскоро двајцата започнуваат борба со навреди. На крајот, Тор продолжува пешки.[16]
Тор е исто така главен лик во поемата Химисквида, каде откако боговите ловеле и го изеле пленот, сакаат да пијат. Решаваат да одат кај Егир, а Тор прв стигнува и му вели да подготви гозба за боговите. Егир му вели на Тор дека боговите прво мора да му донесат котел за да направи пиво во него. Боговите барале, но не нашле таков котел никаде. Тир се сетил и му рекол на Тор дека Химир има таков длабок котел.[17] Тор и Тир отишле кај Химир да го побараат котелот. Кога стигнале, Тир ја видел својата баба со деветсто глави и мајка му облечена во злато, која ги пречекала со свирење во рог. Химир не бил среќен што го гледа Тор. Мајка му на Тир им помогнала да јадат соодветен котел. Тор изел голем оброк од два вола, и заспал. Утрото кога се разбудил, Тор му рекол на Химир дека ќе оди на риболов, па ќе има многу храна, но му треба мамка. Химир му рекол најде мамка на неговото пасиште. Тор излегол и му ја исекол главата на најдобриот вол на Химир.[18]
Понатаму во поемата, Тор и Химир се на брод на морето и ловат риби. Фатиле неколку китови, и во еден момент огромна змија се фатила на мамката. Тор ја извадил змијата на бродот и ја удрил со чеканот. Змијата вреснала, и гласно превртување се чуло од под водата.[19] Химир бил разочаран и тивок додека пловеле кон брегот. На брегот, Химир му рекол на Тор да му помогне китот да го однесат кај него дома. Тор ги кренал и бродот и двата кита и ги однел. Потоа, Тир и Тор го добиле котелот и заминале. Тир не можел да го крене, а Тор успеал да го тркала. По пат ги нападнала војска од многуглави суштества, кои ги водел Химир. Тор ги убил со чеканот.
На крајот успеале да го однесат котелот кај Егир, направиле многу пиво, и од тогаш секоја зима доаѓале кај Егир на пиво.[20]
Во прологот на Прозната еда, Снори Стурлсон го претставува Тор како принц на Троја, и е споменат во сите четири книги.
Приказните за Тор ги има и денес во Скандинавија. Во 19 век, научникот Јакоб Грим запишал фрази кои останале во германскиот јазик а кои се однесувале на овој бог.[21] Тор и натаму е претставуван како бог со црвена брада.[21] Во скандинавскиот фолклор се смета дека троловите се плашат од грмотевици, а улогата на Тор била да се боти против овие суштества.
Свастиката како симбол била идентификувана како чеканот или молњата на Тор уште од 19 век.[22] Свастиката се појавува на разни германски предмети уште од времето на преселба до викиншкото доба.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.