Топлички манастир
средновековен манастир во областа Железник во југозападниот дел од Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia
средновековен манастир во областа Железник во југозападниот дел од Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia
Топлички манастир — средновековен манастир во областа Железник во југозападниот дел од Македонија.[1] Манастирот се наоѓа во месноста Топлица, меѓу селата Жван, Слоештица и Бабино.
Поглед на манастирската црква „Св. Никола“ | |
Информации | |
---|---|
Целосно име | Топлички манастир |
Други имиња | Манастир „Св. Никола Топлички“ |
Манастир на: | МПЦ - ОА |
Основан | XIV век |
Посветен на | Свети Никола |
Епархија | Преспанско-пелагониска |
Цркви | Црква „Св. Никола“ |
Личности | |
Основач (и) | Димитар Пепиќ |
Место | |
Место | месност Топлица, (меѓу селата Жван, Слоештица и Бабино) Општина Демир Хисар Македонија |
Координати | 41°17′05″N 21°05′31″E |
Видливи остатоци | 1 црква |
Отворен за јавноста | да |
Други информации | (Сопотничка парохија) |
Во минатото, манастирот бил не само религиозен, туку и културно-просветен и книжевен центар. Во негов склоп се наоѓала манастирската црква, како и конаци во коишто имало библиотека и училиште.
Манастирот името го добил по месноста „Топлица“, а овој топоним е добиен по местото коешто е оградено со планини и е заштитено од студените ветрови, така што зимите секогаш биле топли.[2]
Манастирот бил основан со изградбата на првобитната манастирската црква некаде во XIV век, а со подоцнежните археолошки ископувања било утврдено дека истата била подигната на местото на постар објект со базиликален облик од V-VI век, чиј обиколен ѕид делумно бил искористен како темел за изградба на црквата.[3] Во текот на XVI век, црквата била срушена, по што била обновена и зографисана.[2] Во тој период, манастирот освен како религиозен прераснал и во културно-просветен и книжевен центар. Низ вековите во него се одвивала плодна книжевна, препишувачка и преведувачка дејност, а свои записи оставил само книжевникот Макарија Топлички, кој за себе не оставил никакви позначајни податоци.[4]
Денес, од објектите што се наоѓале во рамки на манастирот е зачувана само црквата, која е запуштена и оставена во лоша состојба. Нејзините ѕидови се растресуваат како последица на минирањето на карпите во околниот каменолом. Во внатрешноста на црквата, олтарниот простор, наосот и страничните параклиси се во многу лоша состојба. Во црквата долго време нема богослужба, а внатрешноста нема црковен мебел или каков било инвентар.[2]
Црквата во нејзиниот првобитен облик најверојатно била изградена во XIV век, на што укажуваат двослојните фрески зачувани на нејзиниот западен ѕид. Таа била градена од кршен камен и кал, и од неа денес се зачувани само западниот ѕид, западниот влез, а најверојатно и подот од камени плочи поставени во средишниот дел на наосот во вид на медалјон. Со археолошките ископувања во 1982 и 1984 година било утврдено дека најстарата средновековна црква била еднокорабна градба која лежела на местото на постар објект со базиликален облик од V-VI век, чиј обиколен ѕид делумно бил искористен како темел за изградба на црквата.[3] Во текот на XVI век, црквата била срушена и обновена, а нејзин ктитор станал кратовскиот кнез Димитар Пепиќ. Како доказ за тоа служи и главниот ктиторски натпис во наосот на манастирскиот собор над западната врата од 1536-1537 година, според кој црквата е изградена во времето на игуменот јеромонах Павнутие кој бил потпомогнат од Кир Димитар Пепиќ.[2]
Црквата има базиликален облик со по два доѕидани параклиса на јужната и северната страна, како и дополнителна просторија на западната страна. Главната апсида на олтарскиот простор е нагласена и однадвор е втопена во ѕидна маса. Лево и десно од неа се наоѓаат нишите на олтарниот простор и ѓаконик, кои исто како и главната олтарска апсида однадвор се втопени во ѕидна маса. Олтарскиот простор своевремено бил одделен од наосот со иконостас, но денес од него денес нема остатоци освен лежиштето на подот и сликаните бордури на страничните ѕидови.[5]
По примерот на најзначајните средновековни манастири, во склоп на Топличкиот манастир имало и конаци. Во нив биле сместени библиотека и училиште. Сепак, поради запуштеноста на манастирот, тие се распаднале и срушиле, така што денес не постојат.[4]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.