Тикал
From Wikipedia, the free encyclopedia
From Wikipedia, the free encyclopedia
Тикал (мајански: Tik’al) — едно од најголемите археолошки наоѓалишта на мајанската цивилизација, воедно и еден од најголеми поранешни мајански градови. Наоѓалиштето лежи во басенот Петен, во департманот Ел Петен во северна Гватемала. Тикал е дел од поголемиот „Национален парк Тикал“ и во 1979 година наоѓалиштето станало дел од Светското културно наследство на УНЕСКО.[1]
светско наследство на УНЕСКО | |
---|---|
Критериум | мешан: i, iii, iv, ix, x |
Навод | 64 |
Запис | 1979 (III заседание) |
Тикал бил главен град и најголем центар на едно од најмоќните мајански кралства.[2] Иако архитектурата на наоѓалиштето датира од IV век п.н.е., својот подем Тикал го забележал во класичниот мајански период од 200 до 900 година. За време на овој период, Тикал бил доминантен во поголемиот мајански политички, економски и воен живот и имал контакти со останати средноамерикански кралства како на пример Теотивакан. Постои доказ дека Тикал во еден период бил освоен од Теотивакан во IV век.[3] Со истекот на доцниот класичен мајански период нови градби и монументи биле изградени во Тикал и постојат докази дека дел од палатите биле изгорени. Овие настани резултирале со намалување на населението за да во X век градот бил целосно напуштен. Тикал е еден од најдобро запознаените, проучени и разбрани мајански наоѓалишта со долг список на владетели, споменици и палати.[4]
Името „Тикал“ најверојатно потекнува од мајанскиот збор „ти акал“ („ti ak'al“) и се верува дека овој назив е релативно нов што во превод значи „на водната дупка“. Ова име е тесно сврзано со еден од античките резервоари на вода кој го дале разни патници и ловци од тој регион.[5] Покрај ова значење, се верува дека има и останати значења на поимот како на пример „место на гласови“ и ова толкување потекнува од ица јазикот. Како и да е, името на градот, Тикал, не е стариот назив на наоѓалиштето туку назив кој бил доделен веднаш по неговото откривање во 1840 година.[6]
Според мајанските натписи во наоѓалиштето, Тикал се именува како „Јаш Мутал“ или „Јаш Мутул“ што значи „прв Мутал“.[5] Целото кралство каде Тикал бил главен град е познато како „Мутул“[7] Точното значење на зборот не е познато, но истиот назив значи „снопче од коса“ и се поврзува со реповите на кралевите кои владееле со Тикал.
Во наоѓалиштето лежиат траги на рано земјоделство кои датираат уште од 1000 п.н.е.[8] Главните конструкции во Тикал биле започнати уште во доцниот предкласичен период, односно во периодот од 400 до 300 п.н.е. Меѓу овие рани конструкции се вбројуваат и пирамидите и платформите.[8][9] Во овој период Тикал учествувал во проширување на чиканелската култура која доминирала во централните и северни мајански предели, односно регионот од Јукатан до Белиз.[10]
Во I век, Тикал започнал да зазема поголема политичка и културна моќ, период кога силните соседски градови започнале да се распаѓаат.[8] На крајот на доцниот пред-класичен период, Тикал бил под силно влијание од архитектонскиот и уметничкиот стил на Изапа.[11]
Најблиски денешни населени места до Тикал се Флорес и Санта Елена и се околу 64 километри југозападно од наоѓалиштето.[12] Од Гватемала, Тикал е оддалечен 303 километри, 19 километри јужно од денешниот мајански град Уашактун, 30 километри северозападно од Јашха[5][13], 100 километри југоисточно од стариот соперник Калакмул и 85 километри од Каракол, кој денес е во Белиз.[14]
Целото наоѓалиште е забележано на карта и има вкупна површина од 16 км2 каде се наоѓаат околу 3000 градби.[15] Околината на градот е составена од варвонички висорамнини, каде во долината се наоѓаат мочурливи површини. Целиот град и околината се заштитени од гвателамските власти и го сочинуваат „Националниот парк Тикал“ кој има вкупна површина од 570 км2.[16]
Тикал се наоѓа во тропска шума во северна Гватемала каде е и лулката на низинската мајанска цивилизација. Самиот град се наоѓа на плодна почва и поради тоа најверојатно имало развиен трговски пат кон Јукатан.[17] Пределот е богат со капоково дрво кое е и свето дрво за Маите, потоа има тропски кедар и хондураска махагонија. Целиот предел со векови бил зашумен, сè до повторното откривање. Просечните годишни врнежи во Тикал се 1945 милиметри.[18]
Иако Тикал бил еден од најголемите мајански градови, самиот град водата за пиење ја снабдувал преку врнежите и со градење на резервоари. Со модерните археолошки ископувања се откриле ваквите мајански резервоари за собрирање вода. Во околината нема природни извори на вода, поголеми реки или природни езера. Градот опстојувал од земјоделството. Врнежите биле од исклучиво значење за земјодеството и биле главен извор за наводнување. Поради непостоењето на природни водени површини, сушите во пределот биле катастрофални што најверојатно довеле до падот на класичниот мајански период.
За населението на Тикал се проценува дека изнесувало од 10.000 до 90.000 жители, каде најверојатно бројот бил поблиску до поголемата бројка.[15] Поради слабата пристнуст на природен сол во регионот, се проценува дека Тикал морал да увезува 131 тон сол секоја година што се споредува со население од 45.000.[19]
Населението на Тикал започнало да се зголемува уште од предкласичниот мајански период, односно од 2000 п.н.е. до 200 година, кога својот најголем демографски подем е забележан во доцниот мајански период. Населението забрзано се зголемувало од 700 година па сè до 830 година, што следел голем демографски пад. Според проценките за населението и според проценките за површината на градот, густината на население на Тикал изнесувало околу 517 жители на километар квадратен. Оваа густина се зголемува ако се земе предвид и самата околина на градот.
Династијата на Тикал била основана уште од I век и владеела со кралството околу 800 години и била составена од најмалку 33 кралеви.[20]
име прекар[21][22] | период | династија редослед на владеење | алтернативно име | ||
---|---|---|---|---|---|
Јаш Ехб Шок | околу 90 г. | 1 | Јаш Моч Шок, Јаш Чактел Шок[23] | ||
Разлитен Јагуар | околу 292 г. | ? | – | ||
Животинска Капа | ? | 10 ? | Кинич Ехб ? | ||
Сииах Чан Кавил I | околу 307 г. | 11 | – | ||
Дама Уне Балам | околу 317 г. | 12 ? | – | ||
Кинич Муван Хол I | ? –359 | 13 | Манкина Птичју Череп, Пердувест Череп | ||
Чак Ток Ичак I | 360–378 | 14 | Јагуарска Шепа, Голема Шепа, Голема Јагуарска Шепа | ||
Јаш Нун Ајин I | 379 –404 ? | 15 | Извиткана Муцка, Извиткан Нос | ||
Сијан Чан Кавил II | 411–456 | 16 | Бурно Нео | ||
Кан Читам | 458 – околу 486 | 17 | Кан Боат, Кан Ак | ||
Чак Ток Ичак II | околу 486–508 | 18 | Јагуарска Шепа II | ||
Дамата од Тикал | Каомте Балам | околу 511 – 527+ | 19 | Свиткана Глава | |
Птичја Канџа | ? | 20 ? | Животински Череп I | ||
Вак Чан Кавил | 537 ? – 562 | 21 | Двојна Птица | ||
Животински Череп | околу 593–628 | 22 | – | ||
Кинич Муван Хол II | околу 628 – 650 | 23 или 24 | – | ||
Нун Ухол Чак | околу 650 – 679 | 25 | Череп-штит, Нун Бак Чак | ||
Хасав Чан Кавил I | 682 – 734 | 26 | Владетел А, Ах Какако | ||
Јукин Чан Кавил | 734 – околу 766 | 27 | Владетел Б, Јашкин Кан Чак, Сончев небесен дожд | ||
Владетел 28 | околу 766 – 768 | 28 | – | ||
Јаш Нун Ајин II | 768 – околу 794 | 29 | – | ||
Нун Ухол Кинич | околу 800? | 30? | – | ||
Темно Сонце | – 810+ | 31? | – | ||
Хевел Кавил | – 849+ | ? | – | ||
Хасав Чан Кавил II | –869+ | ? | – |
Владата на Гватемала и Универзитетот од Пенсилванија делумно го обновиле наоѓалиштето. Тој бил еден од најголемите мајански градови од класичниот мајански период и воедно едно од најголемите наоѓалишта во Америка. Архитектурата на стариот град била изградена од варовник и вклучува остатоци од храмови кои се високи и по 70 метри, големи кралски палати и помали пирамиди, палати, куќи, административни згради, платформи и камени споменици.[24][25] Исто така постои и зграда која наликува на затвор, која имала дрвени решетки на прозорите и вратите. Во наоѓалиштето може да се најдат седум игралишта за познатата мајанска игра со топка.
Варовникот кој се користел за изградба на градот бил од локално потекло и се ископувал во непосредната близина на градот. Дупките кои биле создадени при ископувањето на варовникот биле користени како резервоари за вода, покрај природните резервоари на свежа вода кои ги користеле Маите. Главниот плоштад бил покриен со штукатура.[26]
Површината погодна за живеење на Тикал изнесувала околу 60 км2, од кој голем дел не е исчистена, забележана на карта и ископана. Површината околу самиот град е добро забележана на карта и најверојатно имала површина од 125 км2. Како што веќе наведовме, населението на Тикал се движело од 10.000 до 90.000 во градското подрачје, а со околината дури до 425.000 жители.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.