From Wikipedia, the free encyclopedia
Слалом - дисциплина во алпско скијање и даскање. Натпреварувачите треба што побрзо да ја поминат означената патека притоа треба да поминат низ поставените врати кои се поставени на поблиско растојание отколку во велеслалом, супервелеслалом и спуст, што изискува побрзо вртење на пократки растојанија.
Слаломот и велеслаломот се техничките дисциплини во натпреварите во алпско скијање за разлика од брзите дисциплини во кои спаѓаат супервелеслаломот и спустот. Техничките дисциплини вообичаено се состојат од две возења на различни патеки, но на истиот терен.
Зборот „слалом“ доаѓа од моргедалски/селјордски дијалект од норвешкиот збор „slalåm“. „Sla“ значи блага падина, а „ låm“ трага по скиите.[1] Творците на модерното скијање ги класифицирале патеките согласно нивната тежина. „Слалам“ (slalåm) била патека за момчиња и девојчиња кои сè уште не можеле да се натпреваруваат на попредизвикувачки терени. „Уфсилам“ (ufsilåm) била патека со препрека („уфсе“) како скок, ограда, тешко свртување, и сл. „Увирдслам“ (Uvyrdslåm) била патека со повеќе препреки.[2] Норвешкиот воен натпревар во скијање во 1767 година вклучувало трка меѓу дрвја „без да се падне или да се скршат скиите“. Скијачкиот натпревар во 1866 година во Осло бил комбинација од скијачко трчање, скокање и слалом. Во слалом, на натпреварувачите им било дозволено да користат „стапови“ за кочење и вртење, а бил оценуван и нивниот стил (соодветно држење на телото на скијачот). Кон крајот на 19 век норвешките скијачи во сите дисциплини (скок, слалом и трчање) често учествувале со ист пар на скии. Слаломот и неговите варијанти често биле нарекувани брдски трки. Околу 1900 година, брдските трки биле изоставени на Осло-првенствата. Развојот на ски-спојките кој го направил Матијас Здарски, придонел брдските трки да станат специјалност на алпскиот регион.[3]
Правилата на модерниот слалом ги развил Арнолд Лун во 1922 година за Британското национално скијачко првенство, и истите биле прифатени за алпското скијање на Зимските олимписки игри во 1936 година. Според овие правила вратите биле обележени со парови бајрачиња наместо со поединечни, и така поставени што натпреварувачите требало да користат разни вртења за да ги поминат. Бодувањето било само на основа на времето, не на време и стил.
Патеката се поставува со редење на серија од врати, формирани од наизменични парови на црвени и сини стапови. Скијачот мора да помине меѓу стаповите кои ја формираат вратата со двата врва од скиите и со двете нозе. Патеката има 55 до 75 врати за мажи и 40 до 60 за жени. Висинската разлика за патеката за мажи е 180 до 220 м, а малку помалку за жени.[4] Вратите се поставени во разни конфигурации за да бидат предизвик за натпреварувачите.
Со оглед дека свртувањата во слалом се релативно мали, натпреварувачите заземаат скоро права линија и често ги удираат стаповите при минувањето што е познато како блокирање. (Главната техника на блокирање во модерниот слалом е накрсното блокирање при кое скијачот оди право на вратата и остро ја фаќа кривината па може да ја блокира вратата со надворешната рака.) Во модерниот слалом за заштита се користи разновидна опрема како штитници за раце, кациги и штитници за лице.
Порано, се користеле бамбусови стапови за капиите чија крутост ги принудувала скијачите да ја заобиколуваат секоја врата со цело тело.[5] Во раните 1980-ти години, крутите стапови биле заменети со јаки пластични стапови, зацврстени на основата со универзална спојка дизајнирана и патентирана од Питер Лехи и Стефан Даг во Аспен, САД.[6] Според ФИС правилата, потребно е само скиите и чевлите на скијачот да ја заобиколат капијата. Од 1989 година скоро сите врвни технички светски скијачи ја прифатиле техниката со накрсно блокирање.[7] Новите капии дозволувале подиректен пат по слалом-патеката со процесот на накрсно блокирање или „пискарење“ на капиите.[8] Накрсното блокирање е техника при која нозете ја заобиколуваат капијата со горниот дел од телото наклонето кон, или дури преку, капијата; во овој случај надворешната штека на скијачот и пискобранот ја удираат капијата, туркајќи ја долу и вон патеката. Накрсното блокирање се изведува со туркање долу капијата со подлактиците, рацете или писките.[9]
Со воведувањето на заоблените скии (карвинг) на преминот во XXI век, опремата за слалом на меѓународните натпреварувања драстично се променила. Во осумдесеттите и деведесеттите години на XX век, скијачите вообичаено користеле скии долги 203-207 см, но на Зимските олимписки игри во 2002 година во Солт Лејк Сити, повеќето натпреварувачи користеле скии со должина од 160 см или дури помалку.
Недостаток на пократките скии е помалата стабилност заради помалата нагазна површина. Од безбедносни причини Меѓународната скијачка федерација на почетокот ја ограничила минималната должина на скиите на 155 см за мажи и 150 см за жени, но веќе за сезоната 2003-2004 ги зголемила на 165 и 155 за мажи и жени соодветно.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.