Remove ads
From Wikipedia, the free encyclopedia
Сите мои синови (англиски: All my sons) - драма на американскиот писател Артур Милер од 1947 година. Авторот му ја посветил драмата на познатиот режисер Елија Казан.
Во драмата се појавуваат следниве лица:[1]
Драмата се состои од три чина, а дејството се одвива во дворот зад куќата на семејството Келер, во некој провинциски американски град, еден августовски ден, 1947 година.
Џо Келер ужива во својот двор, во друштвото на своите соседи и чека да се разбудат неговата сопруга и синот Крис. Во нивниот дом штотуку пристигнала Ен Дивер, поранешната девојка на Лари, постариот син на Келер и ќерка на поранешниот деловен ортак на Џим. Лари погинал во Втората светска војна, но неговата мајка Кејт сè уште се надева и верува дека еден ден ќе ѝ се врати Лари. Претходната ноќ имало невреме кое го скршило дрвото во дворот, посадено во спомен на Лари. Крис му соопштува на својот татко дека тој ја поканил Ен со намера да ја побара за жена. Притоа, и Крис и Џим се вознемирени од помислата како ќе реагира Кејт, за која знаат дека ќе се спротивстави на таа идеја. Кога се појавува Ен во дворот, сите се воодушевени од нејзината убавина. Кејт се обидува да ја натера Ен да признае дека не го заборавила Лари, но Ен отворено ѝ ја кажува вистината. Присутните ја прашуваат за нејзиниот татко, кој е в затвор поради испораката на неисправни авионски делови за време на Втората светска војна, поради што погинале 21 пилот. Крис собира храброст и ја бара Ен за жена, а таа му признава дека цело време го чекала тој миг. Наеднаш се јавува Џорџ, братот на Ен, кој ѝ кажува дека веднаш доаѓа да ја земе со себе, откако претходно го посетил татко си во затворот.[4]
Кога пристигнува Џорџ, веднаш се јавува нервоза кај сите. Џорџ ја наговара Ен да не се мажи за Крис и ѝ кажува дека нивниот татко е неправедно осуден, односно дека вистинскиот виновник за загинатите пилоти е Џо Келер. Кејт отворено му се спротивставува на синот, забранувајќи му да се ожени со Ен. На почетокот, Крис застанува во одбрана на својот татко, но постепено почнува да се сомнева во неговата невиност, а Џо Келер почнува да се брани, но најпосле го признава злосторството. Налутениот Крис заминува некаде.[5]
Во два часот по полноќ, сите го бараат Крис, загрижени да не му се случила несреќа. Кејт бара од својот сопруг да го признае злосторството и да оди в затвор, зашто само така ќе се смири Крис. Најпосле, Крис се враќа дома, а Ен им го покажува последното писмо на Лари, во кое тој ѝ напишал дека решил да се убие откако дознал дека пилотите погинале поради неисправните делови испорачани од фабриката на неговиот татко. Обвинет од сите и со нагризена совест, Џо Келер оди во куќата и се убива.[6]
„Сите мои синови“ е најуспешната драма на Милер. За првпат таа била прикажана во Њујорк, во 1947 година, по што доживеала над 300 изведби. Потоа, таа била прикажувана и во другите американски градови, а голем успех постигнала и на сцените во Европа. Истовремено, ова дело ја добило наградата на Друштвото на американските критичари за најдобра американска драма. Во драмата „Сите мои синови“, Милер ги разобличува алчните американски фабриканти, луѓе без совест кои во трката за добивка дури се подготвени да ги жртвуваат туѓите животи, а потоа вината ја префрлаат врз другите. Целата тежина на неговото злосторство се дознава кога се открива дека тој е виновникот за смртта на својот син, кој се убил од срам поради валканите дејствија на татко си.[7] Во драмата, дејството е мајсторски оформено, дијалогот тече неусилено, а сите конфликти се градат економично во ограничениот простор. Драмата ја сочинуваат повеќе составки, од литературната основа до сценската изведба, а може да се чита и како привлечно четиво. „Сите мои синови“ е образец на добра идеја и на осмислена композиција. Во идејна смисла, Милер покажува вистински патриотизам и длабоко третирање на човековите чувства, на жртвата и на трагиката. Драмата покажува како војната ги поместува луѓето и какви последици предизвикува алчноста по богатството. Како осведочен хуманост, прогресивна личност и човек со вистински вредности, во ова дело Милер одбира тема и мотив кои ги откриваатнајслоевитите проблеми и дилеми кај луѓето.[8]
Во 1983 година, делото било објавено на македонски јазик од страна на издавачката куќа „Наша книга“. Преводот од англиски јазик го направила Мила Гулеска, ликовно-графичкото уредување е дело на Томислав Филипов, а коректурата ја извршиле Спасија Бурековиќ и Благородна Билбиловска. На крајот од книгата се наоѓа поговор кон делото, напишан од Нада Момировска. Книгата има 89 страници, со обем од 20 сантиметри. Таа е каталогизирана во НУБ „Климент Охридски“ - Скопје, но без меѓународната ознака ISBN. Книгата е испечатена во печатницата „Киро Дандаро“ во Битола, во тираж од 5.000 примероци.[1]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.