Remove ads
From Wikipedia, the free encyclopedia
Симонија — црковно злосторство кој се однесува на купување позиции во црковната хиерархија, наречена според Симон Маѓесникот, кој се појавува во Дела апостолски 8:18-24. Според Новиот завет, Симон Маѓесникот им понудил на апостолите Петар и Јован пари за да може да ја пренесува моќта на Светиот Дух врз оние на кои ќе им ги положи рацете. Ова е потеклото на поимот симонија[1], но тој исто така се однесува на сите форми на трговија со духовни вредности за пари.[2][3] Симонијата била едно од важните прашања во текот на Борбата за инвеститурата.
Мешањето на световната со духовната власт во средниот век предизвикувало бескрајни проблеми со симонијата и обвинувања за симонија. Световните владетели сакале да ги вработуваат образованите и централно организирани свештеници во нивните администрации и често се однесувале кон нивните духовни позиции како додавки на нивните световни административни улоги.
На териториите под власт на муслимански владетели, како Османлиското Царство, била задржана црковната структура од претходниот период како дел од државниот апарат одговорен за раководење со христијанското население. „Црквата во отоманскиот период претставувала институција на системот и била задолжена за многу работи, меѓу кои, на пример, било и собирањето данок.“[4]
Епископот Хераклејски г. Климент, секретар на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, има изјавено дека „симонија“ е древен израз со кој се означува корупцијата.[5]
Канонскиот закон на Католичката црква за симонија ги сметал и дела неповрзани со продажба на титули и позиции, туку со продажба на духовна власт: продажба на прилози, земање наплата за исповед, опрост на гревови, венчавање или погреб, како прикривање на смртен грев или примање назад во црквата на непокајници поради материјална полза. Дефинирањето на тоа што спаѓа или не спаѓа во симонија било прецизно правно одредено: според еден коментатор, доказ за тоа дека симонијата била широко раширена практика е бројот на зачувани еклезијастички пресуди за тоа што е, или не е симонија.
Симонијата има многу наштетено на моралниот углед на Римокатоличката црква. Данте Алигиери ги сместува симонистите во осмиот круг на Пеколот во неговата Божествена комедија. Тој раскажува за средба со папата Никола III кој е закопан со главата надолу, додека стапалата му се полеани со врело масло, како во божемно крштевање. Данте пишувал дека и неговите современици, папата Бонифациј VIII и папата Климент VI, ги чека истата судбина заради истиот грев. Писателите од раната ренесанса, како Николо Макијавели и Еразмо ја осудувале симонијата, додека Блез Паскал го критикувал нерационалниот начин на кој се бранеле обвинетите за симонија.
Англиканската црква исто така се борела со оваа практика по нејзиното одвојување од Рим. Иако англискиот закон ја сметал симонијата за прекршок,[6] таа била третирана како еклезијастичко прашање, а не како злосторство. Казната била губење на позицијата и сите привилегии, како и раскинување на односот со лицето што ја доделило функцијата. Важни случаи од оваа област се оние на Томас Вотсон, бискупот на велшката бискупија Св. Давид од 1699 г.[7] и на деканот од Јорк, Вилијам Кокбурн во 1841 година[8]. Симонијата и ден денес се смета за прекршок, при што Круната има право да интервенира и да одземе титули, а прекршителот треба да плати и казна од 1000 фунти според законот за симонија од 1588.[9]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.