From Wikipedia, the free encyclopedia
Прешернов плоштад (словенечки: Prešernov trg) ― средишниот плоштад во Љубљана, главниот град на Словенија. Тој е дел од пешачката зона на стариот град и главно место за состаноци каде што се одржуваат фестивали (како годишниот Љубљански змејски карневал[1]), концерти, спортски, политички настани и протести. Обновен е во 2007 година.[2][3]
Лежи пред влезот на средновековниот град, плоштадот е средиште на улици во облик на инка кои одат од него во различни насоки.
На југ, преку Тромостовје, врзан е со Стритаревата улица (Stritarjeva ulica), која води низ симболичната градска порта образувана од зградата Кресија и Филиповата зграда кон Општинската зграда во подножјето на Замоковскиот Рид.
Северозападно е поврзана со Чоповата улицата (Čopova ulica), што води кон Централната пошта и Стоковната куќа Нама. На север, Миклошичевата улица (Miklošičeva cesta) поминува покрај голем број значајни сецесионистички згради почнувајќи од Урбанцевата куќа, кон Железничката станица „Љубљана“. Помеѓу Чоповата улица и Миклошичевата улица стојат Љубљанскоцентарскиот францискански манастир и Францисканската црква „Воведение на Пресвета Богородица“.
На запад, Волфовата улица (Wolfova ulica) води покрај Стоковната куќа „Мајер“, во која моментално се сместени канцеларијата на Bank Austria и кафуле на отворено, кон Конгресниот плоштад (Kongresni trg). На југозапад, Хрибаровиот Насип води возводно од Љубљаница покрај Дворечки плоштад (Dvorni trg) кон Зоисовиот дворец и Свети Јакововиот мост.
На исток, покрај зградата на Централната аптека, живописната Трубарева улица (Trubarjeva ulica) води кон Змејскиот мост. Напоредно со реката Љубљаница, Петковшечкиот Насип води кон црквата „Св. Петар“.[4]
Прешерновиот плоштадот го добил својот сегашен изглед во 17 век, кога била изградена францисканската црква „Воведение на Пресвета Богородица“ во барокен стил и првпат бил познат како Плоштад „Света Марија“ по црквата.[5] Во 19 век, раскрсницата била сменета во плоштад и поплочена.[6] По Земјотресот во Љубљана во 1895 година, архитектот Макс Фабијани го дизајнирал плоштадот како средиште на четири улици. На местото на средновековните куќи кои биле оштетени од земјотресот, околу неа биле изградени голем број дворци. Помеѓу Волфовата улица и Чоповата улица се наоѓа Хауптмановата куќа, изградена во 1873 година и обновена во 1904 година во сецесионистички стил од архитектот Цирил Метод Кох. Останатите дворци се Фришовата куќа, Зојниговата куќа и Урбанцовата куќа, како и стоковната куќа „Мајер“, изградена триесет години подоцна.[6]
Од 3 септември 2007 година, Прешерновиот плоштад е затворен за моторизиран сообраќај, освен за месниот туристички автобус.
Прешерновиот плоштад е точка на средба на тековните противвладини протести кои започнале во април 2020 година.
Во 1980-тите, Едвард Равникар го предложил кружниот дизајн и тротоарот од гранитни блокови, со круг и сјајни линии од македонскиот мермер сивец. Имало и предлог од Равникар да биде поставена фонтана на плоштадот, но не била прифатена од жителите на градот.[5][7] Јадрото на градот е затворено за моторен сообраќај од септември 2007 година (освен за жителите со дозволи), создавајќи пешачка зона околу Прешерновиот плоштад.[8]
На источната страна на плоштадот, бронзена статуа на словенечкиот национален поет Франце Прешерен со муза била поставена[2] пред Централната аптека во 1905 година.[9] Скулптурата, дизајнирана од Иван Зајец, стои на пиедестал дизајниран од архитектот Макс Фабијани.[9] Подоцна, зад Прешерновиот споменик биле засадени три брези, што укажува на енергетското средиште на Љубљана.[10] Тополи биле додадени во 1930-тите до Тромостовје, според планот на архитектот Јоже Плечник.[11] Во јуни 1991 година, Прешерновиот плоштад и Прешерновиот споменик биле прогласени за споменици на културата од национално значење.[12][13] Во октомври 2005 година, Прешерновиот споменик бил обновен.
Во 1991 година, на горниот крај на плоштадот била поставена бронзена макета на Љубљана како подарок од градскиот Институт за урбанистичко планирање.[14] Има облик од 2.2 м на 2.2 м квадратни.[15] Изработен е од голем број стручњаци, а за бреговите околу него, постаментот, местоположбата и координацијата на работата се погрижила архитектката Јадранка Грмек.[14] Во 2009 година, на макетата на Љубљана била додадена бела полукружен брег.[14]
Прешерновиот плоштад бил прикажан на бројни разгледници, особено на преминот од 19-тиот и 20-тиот век. Некои од нив го прикажуваат на посебни пригоди, како по Земјотресот во Љубљана во 1895 година или на откривањето на Прешерновиот споменик, додека други го прикажуваат како што било во обична пригода.[16]
Од јуни 2008 година, макетата на плоштадот е изложен во Мини-Европа во Брисел на површина од 20 м2.[17]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.