девтероканонска книга од Стариот завет From Wikipedia, the free encyclopedia
Послание на Еремија — девтероканонска книга од Стариот завет, припишана на пророкот Еремија, и упатена кон еврејските заробеници во Вавилон пленети од Навуходонозор. Во православните библии се води како одделна книга, во римокатоличките библии е последна глава од Книгата на пророхот Варух (Варух 6), а во Библијата на кралот Јаков е ставена во Апокрофите.
Според текстот на посланието, негов автор е библискиот пророк Еремија. Самата библиска Книга на пророкот Еремија ги содржи зборовите на писмо кое Еремија го испратил „од Ерусалим“ до „заробените“ во Вавилон (Еремија 29,1-23). Посланието е претставено како преписка од таков карактер.
Послание на Еремија 1 | Еремија 29,1 |
---|---|
Препис од посланието, што Еремија им го испрати на оние, кои требаше да бидат одведени во ропство во Вавилон, од вавилонскиот цар, за да ги извести што му било заповедано од Бога. | Еве ги зборовите од писмото, кое пророкот Еремија го испрати од Ерусалим до другите старешини меѓу преселените, до свештениците, до пророците и до сиот народ, кој Навуходоносор беше го одвел од Ерусалим во Вавилон. |
Наспроти традиционалното гледиште, највеќето современи библисти сметаат дека Еремија не автор на посланието. Овој став се заснова на книжевниот квалитет, верската длабочина и чувствителноста на текстот.[1] Авторот може да бил елинистички Евреин кој живеел во Александрија,[2][3] но ова не може да се утврди со сигурност. Сите најрани ракописи што го содржат посланието се на грчки. Најраниот грчки фрагмент (I век п.н.е.) е откриен во Кумран.[4] Едвин Гифорд вели дека во негово време највеќето меродавни критичари сметале дека изворниот јазик е грчкиот.[5] Еден од нив, Ото Фриче, вели „Ако некој од апокрифите е напишан на грчки, тоа е сигурно овој.“[6] Најсилниот противник на овој мнозински став бил Ч. Џ. Бол, кој дал најсилен аргумент во полза на хебрејски оригинал.[7] Семитологот Чарлс Тори не бил убеден,[8] и сметал деа оригиналот веројатно бил на арамејски.[9] Во поново време консензусот е дека „писмото“ првично било напишано на хебрејски (или арамејски).[10]
Времето на пишување на посланието е неизвесно. Највеќето се сложуваат дека тоа се заснова од неколку библиски зачала, особено Исаија 44,9–20, 46,5–7 и затоа не може да биде постаро од 540 г. п.н.е..[11] Од друга страна, посланието не може да биде поново од 100 г. п.н.е. поради пронајдениот фрагмент (7Q2) меѓу свитоците во Кумран. Во полза на овој најдоцен датум е чинот што писмото е спомнато во 2 Макавејска 2,1–3.[12][13]
Послание на Еремија 4–6 | 2 Макавејска 2,1–3 (ок. 150–120 г. п.н.е.) |
---|---|
Допрва ќе видите во Вавилон богови сребрени, златни и дрвени, кои се носат на рамењата и кои им задаваат страв на незнабошците. Внимавајте, и вие да не станете како туѓите народи, па стравот пред тие богови да ве опфати и вас. Кога ќе видите народот да се поклонува пред нив и зад нив, кажете си во својот ум: „Тебе, Господи, треба да Ти се поклонуваме!“ Зашто Мојот Ангел е со вас; тој е заштитник на вашите души. | Во записите се открива дека пророкот Еремија им заповедал на иселените да земат од огнот, како што е горе речено, и дека откако им го дал на преселниците Законот, им заповедал да не ги забораваат заповедите на Господ и да не се заблудуваат во своите мисли, гледајќи ги златните и сребрените идоли и украси. Говорејќи им и за други слични работи, тој ги убедувал да не го отфрлаат Законот од своето срце. |
Употребата на „седум поколенија“ наместо „седумдесет години“ укажува на подоцнежен период, а не на VI век п.н.е. Според пресметки на Бол, писмото е составено некаде од 317 од 307 г. п.н.е.[14] Според рабинот С. Тедеш, познато е дека многу Евреи биле привлечени од туѓински култови во елинистичкиот пеериод почнувајќи од 300 г. п.н.е., па затоа предупредувањето би можело да датира од било кое време во тој период.“[15]
Иако посланието стои како одделна единица во Септуагинтата, нема докази дека тој имал каконски статус во масоретската традиција.
Прашањето за неговата каноничност во христијанската традиција за првпат е покренато од Ориген, за што сведочи Евсевиј Кесариски во неговото дело „Црковна историја“. Ориген ги наведува Плачот на Еремија и Посланието на Еремија како една целина заедно со самата Книга на пророкот Еремија, меѓу „канонските книги наследени од Евреите“,[16] иако стручњаците ова го сметаат за грешка.[17]
Во делото „Панарион“, Епифаниј Кипарски пишува дека Посланието на Еремија и Варух кај Евреите биле девтероканонски, обете ставени заедно со Еремија и Плачот во една книга.[18]
Атанасиј Александриски го спомнува истото: тој ги вклучува девтероканонските дела Послание на Еремија и Варух како дел од старозаветниот канон, обете ставени заедно со Еремија и Плачот во една книга.[19]
Во неговиот список на канонски книги, Кирил Ерусалимски вели дека „една од Еремија, вклучувајќи ги Варух, Плачот и Посланието“.[20]
Тертулијан го цитира посланието како авторитетно во осмата глава на „Противотров за скорпиината боцка“ (Scorpiace).[21]
Лаодикискиот собор (IV век) се искажал дека Еремија, Варух, Плачот и Посланието се канонски само во една книга.[22]
Православните библии ја следат Септуагинтата, ставајќи го посланието како одделна книга.
Кога ја преведувал Библијата на народен латински (Вулгата), Јероним Стридонски не располагал хебрејски текст, и затоа не ја сметал за канонска заедно со другите апокрифи.[23]
И покрај сомнежот на Јероним, посланието било ставено во глава 6 од Книгата на пророкот Варух на Вулгатата. Така постапува и Библијата на кралот Јаков, ставајќи го Варух во апокрифите, а ист е случајот и со Лутеровата библија. Во етиопскиот православен канон, посланието е ставено во „Остатокот од Еремија“ заедно со 4 Варух (наречена и „Паралипомена на Еремија“).
Посланието е една од четирите девтероканонски книги најдени меѓу Свитоците од Мртвото Море (другите се Псалм 151, Сирах и Товит). Делот од посланието најден во Кумран е напишан на грчки. Ова не ја исклучува можноста да се работи за превод, и оригиналот да бил на хебрејски или арамејски. Меѓутоа, единствениот текст што ни е на располагање има десетици јазични одлики својствени за грчкиот, а непостоечки во хебрејскиот; ова покажува дека грчкиот текст е повеќе од само прост превод.[24]
Пророкот Еремија им се обраќа на заробените Јудејци кои се одведени како робови во Вавилон, пренесувајќи им ги божјите зборови дека во Вавилон ќе останат во текот на седум поколенија, како казна за гревовите и непочитувањето на божјите закони, но најпосле, Бог ќе им прости и ќе ги избави од ропството. Во продолжение ги предупредува дека во Вавилон им лажни богови, кои се само статуи изработени до човечки раце и кои се целосно беспомошни и не можат да направат ништо, па поради тоа, Јудејците не треба ниту да се плашат од нив ниту да веруваат во нивната моќ.[25]
Посланието, всушност, претставува жесток напад врз идолите и идолопоклонството.[26] Брус Мецгер вели „можеме да ја наречеме страсна проповед заснована на стих од канонската Книга на пророкот Еремија.“[27] Тој стих е Ер 10,11, единствениот од целата книга напишан на арамејски.[28]
Така речете им: боговите, кои не се створители на небото и на земјата, ќе исчезнат од земјата и од под небесата.
Делото е напишано со озбилна политичка цел:[2] да ги поучи Евреите да не им служат на боговите на Вавилонците, туку само на Господ.[29] Авторот ги предупредува еврејските преселници дека ќе бидат во ропство до седум поколенија, и дека таму ќе видат идолопоклонство.[2] На читателите им се вели да не учествуваат во такви обреди, бидејќи тоа се идоли направени од човечка рака, без слух, говор или способност да се самоодбранат.[2]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.