слободна територија во источна Македонија во XIX век From Wikipedia, the free encyclopedia
Пијанечка Република слободна територија во областа Пијанец, Делчевско, создадена по завршувањето на Руско-турската војна во 1878 г.
Не адоволен од развојот на настаните во однос на македонското прашање, војводата Илија Марков Малешевски (Дедо Иљо Малешевски) во соработка со другите македонски војводи: Ѓорѓија Пулевски, Григор Огненов, Ѓорѓи Цочов, Коте Карчов, Димитар Трифунов Цветков и Ѓорѓи Антонов ги разоружале башибозучките банди во селата јужно од Ќустендил, и без судири го запоседнале реонот Пијанец.
Оваа акција започнала на 20 јануари 1878 г. (стар стил). Бидејќи се знаело дека турската војскаи властите се повлекле од Пијанец, а останале само Башибозучки банди, Иљо Малешевски решил да ги разоружа и тоа без дозвола на руските власти во Ќустендил. На местото Ветрански ливади тој се состанал со влијателниот буљукбаша Мустафа Брзе од село Габрово. Со него било договорено муслиманските првенци од пијанечките села (12-14 на број) во рок од три дена да го соберат оружјето и да го предадат на неговата чета во Долен Црквенец каде се наоѓал неговиот штаб. Истото било направено без отпор, а му се потчинил и прочуениот пијанечки ајдук Суљо. Во оваа ослободителна акција се вклучил и Димитар Поп Ѓорѓиев Беровски. Овие здружени чети од околу 150 вооружени луѓе направиле обиколка на селата, при што било убедено населението во нивните ослободителни намери. Исто така била формиранна - востаничка власт составена од востаничките чети, селските старешини, привремена полициска стража (12 души) и една комисија составена од првенците: Иванчо Попов Икономов од Царево Село - претседател, Ангел С. Чинев, Никола Тодоров, Мицо Киселички, Мане Арсов, Мануил Поп Костадинов, Ангел Н. Чорбаџиски, Мито Н. Бојаџијата, Амит Кадисли и Мола Мехмед. Во втората половина на февруари било објавено дека Пијанец останува под турска власт, а четите на Иљо Малешевски и Димитар Беровски добиле наредба да се повлечат во Ќустендил. Сепак впоставената власт во Пијанец продолжила да опстојува сè до 29 март 1878. Тогаш пазарџиите враќајќи се од Виница ја донеле веста дека од Кочани кон Царево Село доаѓа многубројна турска војска составена од неколку табури (батаљони) со 4 планински топови и 150 коњаници. Ова предизвикало страв и паника кај христијанското население во пијанечките села, кое набрзина почнало да бега (околу 160 семејства) кон Ќустендил. Еден дел од бегалците се вратиле на почетокот на зимата а другите се населиле во испразнетите турски куќи во Ќустендил, Софија и Ловечко.
Турската војска пристигнала во Царево Село на 30 март 1878 г. До христијанското население било пратено соопштение дека нема да му се случи ништо ако се врати во своите домови. Иако тоа било прифатено со недоверба, сепак подоцна се покажало дека турските власти навистина не направиле никакви репресалии врз македонското население.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.