Remove ads
From Wikipedia, the free encyclopedia
Петерхоф (руски: Петерго́ф, од германски: Peterhof, „Петров двор“), 1944-1997 г. Петродворец — град во Петродворечкиот реон, под надлежност на федералниот град Санкт Петербург, сместен на јужниот брег на Финскиот Залив. Населението брои 73,199 жители (2010);[1]
Во градот е сместен еден од двата кампуса на Санктпетербуршкиот државен универзитет, како и погоните на Петродворечкиот часовнички завод — водечкиот производител на часовници во земјата. Најзначајна знаменитост на градот е истоимениот дворец „Петерхоф“ со своите градини, изградени од архитектот Бартоломео Растрели (1700-1771) по наредба на царот Петар Велики и го носат прекарот „Рускиот Версај“. Овој збир од дворски градби, заедно со градскиот центар на Санкт Петербург е прогласен за светско наследство на УНЕСКО.
Дворецот Петерхоф е изграден на 16-метарска спила, стотина метри од морскиот брег. Помеѓу карпестите воздишенија и брегот е сместена Долната градина (Нижни сад), која е распослана на површина од 1,02 км2 и зафаќа најголем дел од дворскиот комплекс, протегајќи се од исток кон запад во должина од 200 м. Тука се поставени највеќето фонтани, како и неколку помали дворци и помошни објекти. Источно од Долната градина е сместен паркот „Александрија“ украсен со неоготски градби од XIX век како Готската кепела, дело на прочуениот германски архитект Карл Фридрих Шинкел (1781-1841).
Над карпите, кај средината на Долната градина се протега Големиот дворец. Јужно од него е релативно малата Горна градина (Верхни сад). По падината на спилата под дворецот е изградена Големата каскада — главната атракција на целиот комлекс. Под неа почнува Морскиот Канал, кој се вбројува меѓу најкрупните хидротехнички зафати на барокниот период, и ја дели Долната градина на две полоовини.
Во Петерхоф се наоѓа најстарата фабрика во Русија, основана во 1721 г. од Петар Велики, најпрвин како леарско-каменорезачки завод за изградба на дворецот Петерхоф, но и други дворци во Санкт Петербург. Во 1920-тите отпочнало производството на делови за часовници, а по Втората светска војна заводот почнал со производство на целосни часовници со марка „Победа“, во 1961 г. преименувана во „Ракета“. Во 1985 г. заводот имал дури 7.500 вработени, произвесдувајќи 5 милиони рачни часовници годишно. Денес останува последната часовничка фабрика во Русија со целосно самостојна изработка на механизми, иако обемот на производство е значително помал.[4][5]
Градот го опслужуваат три железнички станици: Нов Петерхоф, Стар Петерхоф и Универзитет. До дворците се стигнува и со хидроглисери кои поаѓаат кај Зимскиот дворец во Санкт Петербург, но лесно се достапни и преку автопат. Меѓу Санкт Петербург и Петерхоф редовно сообраќаат јавни превозни средства и поединечни такси-возила.
Горната градина е пристапна бесплатно, а влезот во Долната градина се наплаќа. Дворците и гротото можат да се посетат само со водич.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.