From Wikipedia, the free encyclopedia
Офуда (御札 или お 札, почесна форма на фуда „ливче [од хартија], картичка, плоча“) во јапонската религија се однесува на неколку видови на талисмани од јапонските Шинто и Будистички храмови и светилишта. Овие талисмани се направена од разни материјали како што се хартија, дрво, ткаенина или метал. Хартијата од офуда може да се нарече и камифуда (紙札 ), додека оние направени од дрво можат да се наречат кифуда (木札 ).
Конкретно, офуда се однесува кон следните предмети:
Практиката на создавање гофу потекнува од учењето Онмјоодоо - кое прифатило елементи од Даоизмот - и будизмот. Навистина, ваквите офуда и омамори биле под силно влијание на Даоистичкото лингфу. Подоцна, слични талисмани, исто така, се произведувале во Шинто светилиштата.[1][2][3][4][5] Трите светилишта на Кумано во Уакајама префектурата се особено познати по своите талисман од хартија, Кумано Гооуфу (熊野牛王符 „Талисман на Воловиот Кумано крал“), познат и како Гооухооин (牛王宝印), кои биле испечатени од едната страна со сложени дизајни од стилизирани врани.[6][7][8] За време на средновековниот период, овие и слични гофу произведени од други светилишта често биле користени при давање заклетва и изготвување на договори, а условите на заклетвата или договорот биле напишани на задната страна на листот.[9][10][11][12]
Инаку, оние шинсатсу кои се наоѓаат во повеќето Шинто светилишта се во согласност со талисманот издаден од Големите светилишта во Исе (Исе Џингуу) наречен Џингуу Таима (神宮大麻). Овие талисмани првично биле стапчиња за прочистување (祓串 хараегуши) кои патувачките проповедници на светилиштата од Исе (御師 оши или онши) им ги делеле на приврзаниците низ целата земја како знак и гаранција дека молитвите биле извршени во нивно име. Овие стапчиња, наречени Охараи Таима (御祓大麻), биле содржани или во пакети со свиткана хартија - што во овој случај тие се нарекуваат кенхараи (剣祓, исто така наречени и кенбараи),[13] поради обликот на кутијата што личи на острица од меч (剣 кен) - или во кутии наречени охараибако (御祓箱). Широката распространета дистрибуција на Охараи Таима првпат започнала во Муромачи периодот, и го достигнала својот врв во Едо периодот: документ што датира од 1777 година (Ан'еи 6) покажува дека 89-90% од сите домаќинства во земјата во тоа време поседувале Исе талисмани.[14][15][16]
Во 1871 година, царски декрет ги укинал оши и го дозволил производството и дистрибуцијата на амајлиите, сега преименувани во Џингуу Таима, од административните канцеларии на светилиштето.[14] Во ова време, талисманот се претворил во денешната форма: дрвена плочка која содржи парче кедрово дрво познато како гјошин (御真, „свето јадро“)[13][17] завиткано во хартија на која е отпечатено името на светилиштето (天照皇大神宮, Теншоо Коотаи Џингуу) и запечатено со печатите на светилиштето (皇大神宮御璽 Коотаи Џингу Гјоџи) и високиот свештеник (大神宮司之印 Даиџингууџи но Ин). Во 1900 година, новиот оддел, Канбешо (神部署 „Одделение за свештеници“), ги презел должностите за производство и дистрибуција. Дистрибуцијата на Џингуу Таима евентуално била делегирана на Националното здружение на Шинто свештеници (全国神職会, Зенкоку Шиншокукаи) во 1927 година и, конечно, на нејзиниот наследник, Здружението на Шинто светилишта, по Втората светска војна. Здружението во денешно време продолжува да ги шири Џингуу Таима кон здружените светилишта низ цела Јапонија, каде што се ставени на располагање заедно со сопствените амајлии на светилиштата.
Офуда талисманите - шинсатсу и гофу - постојат во различни форми. Некои од нив се ливчиња или листови хартија, а други како Џингуу Таима се тенки правоаголни плочки (角祓, какубараи/какухараи) затворени во обвивки слични на плико (што понатаму можат да биде покриени со проѕирна хартија за завиткување), додека други се дрвени таблети (кифуда) што можат да бидат помали или поголеми од обичниот шинсатсу. Некои светилишта дистрибуираат кенхараи, кој се состои од парче дрво преклопено во парче хартија. Како што е забележано погоре, Охараи Таима издадена од Исде светилиштата пред Меиџи периодот обично била во кенхараи форма; додека сортата какухараи е моментално пошироко распространета, ūинго Таима од типот кенхараи сè уште се дистрибуираат во храмот Исе.[18]
Офуда и омамори се достапни во текот на целата година во многу светилишта и храмови, особено во поголемите со постојан персонал. Бидејќи овие предмети се свети, тие технички не се „купуваат“, туку се „добиваат“ (授かる сазукари, 受ける укеру), а парите платени во замена за нив се сметаат за донација или подарок (料穂料 хатсухорјоо, буквално „прв овошен надомест“).[19][20] Човек може да добие и дрвен талисман наречен китоофуда (祈祷札) откако ќе се извршат формалните молитви или ритуали (祈祷 китоо) во името на побарателот во овие места за богослужба.
Шинсатсу, како што се Џингуу Таима, се чуваат во домашните олтари (камидана) или на посебни полици (офудате); ако едно домаќинство не ги поседува, тие можат да бидат поставени исправени во чист и уреден простор над нивото на очите или закачени на ѕид. Во куќите во кои има шинсатсу и камидана, овие талисмани се поставуваат кон истокот (каде што сонцето изгрева), на југ (главниот правец на сонцето), или југоисток.[21][22][23][24]
Здружението на Шинто светилиштата препорачува едно домаќинство да поседува најмалку три вида шинсатсу:
- Џингуу Таима
- Офуда од насловното божество на нечие живеалиште (уџигами)
- Офуда од светилиштето на кое поединецот е посветен
(崇敬神社 суукеи џинџа)
Во камидана олтар во стил со три врати (三社造 санша-зукури), Џингуу Таима се положува во средината, офуда од локалниот храм (уџигами) се положува од левата страна (на десно од набљудувачот) и офуда од омилениот храм на обожувачот на десна страна (на лево од набљудувачот). Алтернативно, во камидана олтар во стил со една врата (一社造 исша-зукури), трите талисмани се положуваат една врз друга, со Џингуу Таима најнапред. Човек може да поседува повеќе шинсатсу; тие се поставуваат на двете страни или зад споменатите три.[21][22][25][26][27] Се препорачува редовно (по можност дневно) молење пред шинсатсу или камидана и подароци како ориз, сол, вода и/или саке кон ками (со дополнителни прехранбени производи што се нудат во посебни прилики).[28] Начинот на обожување е сличен на оној што се изведува во светилиштата: два поклона, два плескања со дланките и последен поклон, со тоа што една молитва (норито), исто така претходена од два поклона - може да се изговори пред ова.[29][30]
Другите офуда се сместени во други делови од куќата. На пример, офуда на патроните богови на огништето - Санбоо-Кооџин во будизмот, Камадо-Михашира-но-Ками („Трите богови на огништето“: Кагутсучи, Окитсухико и Окитсухиме) во Шинто религијата[31][32] - се сместуваат во кујната. Во тоалетите, може да биде поставен талисман на будистичкото гневно божество Учусма (Усусама Мјооу), за кого се верува дека го прочистува нечистиот.[33] Заштитно гофу, како што е Тсуно Даиши (角大師, „Рогаст Велик Господар“, претстава на Тендаи монахот, Рјооген, во форма на они)[34][35] се поставуваат на вратите или влезовите.
Јапонската духовност и дава огромна важност на чистината и чистотата (常若, токоуака, бук. „вечна младост“), особено со работите поврзани со божественото. Од оваа причина се охрабруваат периодичните (обично годишни) заменувања на офуда и омамори талисманите. Вообичаено е да се добие нова офуда најрано пред крајот на годината или за време на сезоната на Новата Година, иако (исто како и со омамори) може да се купи и во други периоди од годината. Идеално, старите офуда и омамори треба да бидат вратени во храмот или светилиштето од каде што биле предадени како форма на благодарност, но повеќето Шинто светилишта во пракса ги прифаќаат талисманите од другите светилишта (будистичките офуда сепак не се прифатени во многу светилишта и обратно).[23][36][37][38][39] Старите офуда и омамори се горат во церемонија позната како Сагичоо (左義長) или Дондојаки (どんど焼き, изговорено и како Донтојаки или Тондојаки), што се одржува за време на Малата нова година (14 или 15 јануари), крајот на сезоната на јапонската нова година.[20][40][41]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.